Започна 17-то по ред европско фудбалско првенство, Еуро 2024, настан кој го следат милијарди луѓе ширум светот. Поконкретно, натпреварувањето Евро 2020 го држи рекордот по број на гледачи, со бројка од 5,23 милијарди. Финалето го гледале 328 милиони.
Во фокусот на интересот се секако фудбалерите – главните ѕвезди на теренот и надвор од него, но се зборува и за селекторите и нивниот потенцијал и квалитети да ги водат своите тимови до клучниот, финален натпревар.
ЕП 2024 во Минхен го отвори домаќинот, германската репрезентација, чиј селектор Јулијан Нагелсман (36) е најмлад меѓу неговите колеги на првенството, но втор најплатен на листата. „Блумберг Адрија“ овој пат ги анализира платите на селекторите, како и имињата кои оставиле најголема трага во текот на нивните играчки кариери.
Српскиот тренер Драган Стојковиќ Пикси е на средината на листата на најплатени, со годишна плата од 1,4 милиони евра. Зад себе го остава шпанскиот тренер Луис де ла Фуенте чија плата е 1,25 милиони евра. Покрај тоа, и данскиот тренер Каспер Хјулманд заработува помалку од Пикси.
Треба да се нагласи дека Шпанија и Данска се меѓу најуспешните фудбалски нации во Европа и светот, со највисоки пазарни вредности: 965,6 милиони односно 415,5 милиони евра.
Првите три позиции по заработка ги заземаат селекторите на Англија, Германија и Португалија, а единствени кои добиваат помалку од 500.000 евра се селекторите на Унгарија, Словенија, Чешка, Романија и Грузија. Вили Сањол е на самото дно на листата, со 200.000 евра годишно.
Ако го погледнеме нивото на успех во нивните кариери додека беа фудбалери, ситуацијата се менува.
Првото место го зазема Роналд Куман, актуелниот селектор на Холандија, кој освои трофеи еднаш на Европското првенство, двапати во Лигата на шампионите, четири пати во највисоката холандска лига Ередивизија, исто така четири пати во Ла Лига. Двапати беше избран за фудбалер на годината во Холандија, во период кога играа Руд Гулит, Марко ван Бастен и Франк Рајкард.
Српскиот тренер е на второто место на листата на која се споредуваат фудбалските кариери на актуелните тренери, а како што го опишуваат познавачите на овој спорт „тој беше офанзивен играч за врска, плејмејкер чија примарна цел беше да се забавува на теренот и да си поигрува со дефанзивците“.
Заедно со Дарко Панчев, Дејан Савиќевиќ, Ален Бокшиќ, Роберт Просинечки и Синиша Михајловиќ, Пикси ја сочинуваа суперталентираната генерација на поранешна Југославија кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите.
Стојковиќ и селекцијата на Југославија стигнаа до четвртфиналето на Светското првенство во 1990 година, губејќи од Аргентина во пенал рулетот. Пикси беше и остана ѕвезда и за домашниот клуб Црвена ѕвезда и за јапонскиот Нагоја Грампус.
Можеби Пикси нема освоено толку трофеи како Французинот Дидие Дешамп, но кога неговиот поранешен менаџер Арсен Венгер еднаш беше прашан за најдобрите играчи што некогаш ги тренирал (пред Арсенал), тој го рангираше „исклучителниот“ Стојковиќ во неговите најдобри тројца играчи, заедно со Глен Ходл и Џорџ Веа.
На третото место е Дидие Дешамп, инаку четврти најплатен тренер, а на осмата позиција е Герет Саутгејт, прв по заработка. Младиот Германец Нагелсман, кој е втор најплатен по Саутгејт, е на само 23-то место по успех во фудбалската кариера, а Роберто Мартинез (третиот најплатен тренер) е на 13-та позиција.