Доналд Трамп, поранешниот американски претседател и кандидат на Републиканците за ноемвриските претседателски избори, се чувствува добро по вчерашниот обид за атентат. Напаѓачот беше застрелан, а загина уште едно лице.
Ова не е прв обид за атентат врз Трамп, а ваквите напади не се реткост во САД. Некои од нив ја обликувале американската историја.
Добро утро, ова се останатите пет вести со кои треба да го почнете денот.
ББА анализа: Кородирана продажба на компаниите од металната индустрија
По скокот на цените во 2021 година, гледаме надолни корекции кај металите во 2022 и 2023 година поради слабите глобални економии, рестриктивните монетарни политики и бавното закрепнување на Кина, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на металната индустрија објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
Тие прецизираат дека во 2022 година само цената на алуминиумот продолжи да расте додавајќи во просек девет проценти на годишно ниво, додека бакарот (-5 проценти), челикот (-10 проценти) и железната руда (-27 проценти) имаа надолна корекција.
Дали заострената политичка реторика ќе ги наруши економските односи со Грција?
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис минатата недела во Вашингтон каде што се одржа НАТО Самитот по повод 75 години од формирањето на Алијансата, рече дека Атина има оружје со кое ќе реагира на тактиката на македонското раководство за различно именување на земјава.
Заострената политичка реторика меѓу двете земји која стана интензивна по завршувањето на парламентарните избори во земјава не е пречка за Македонците и ова лето најчесто да го поминуваат одморот на грчките плажи. Лани Грција ја посетиле 1.128.000 туристи од земјава или двојно повеќе од 2022 година. Долгите редици на граничниот премин „Богородица“ летово се доказ дека рекордот може да биде урнат.
Светска банка го поздрави поднесувањето на барањето за пристапување во СЕПА
Народната банка во рамки на своите надлежности континуирано и посветено работи на процесот на европска интеграција. Имплементирањето на европската регулатива во платежната сфера и поднесувањето на барањето за пристапување во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) е значаен чекор и дел од процесот на патот на земјата во Европската Унија.
Ова беше заклучено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска и потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, што се одржа на маргините на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, а кој се одржа во Кишињев, Молдавија.
Хамас негира дека се повлекува од преговорите за прекин на огнот
Хамас негира дека се повлекува од преговорите за прекин на огнот, еден ден по израелскиот воздушен напад врз Газа, чија цел беше убиство на двајца високи функционери на Хамас, при што загинаа најмалку 90, а 300 беа повредени.
Изат Ал Ришк, член на политичката канцеларија на Хамас, го опиша како „неоснован“ извештајот на АФП дека групата ќе ги напушти разговорите. Последната „ескалација“ на Израел беше дизајнирана да „го блокира патот до договор“, додаде тој во кратката изјава.
Децата зависни од видеоигри се причина за лавина судски процеси
Кушанел Донерсон вели дека нејзиното 14-годишно момче толку често играло „Кол оф дјути“ (Call of Duty), НБА 2К (NBA 2K), ГТА (Grand Theft Auto V) и „Роблокс“ (Roblox) во изминатите девет години што добило оштетување на мозокот, мозочни удари и напади. Џејклин Анџелили вели дека нејзиното деветгодишно дете игра голем број видеоигри „неконтролирано и со сè побрзо темпо“ од шестата година и му биле дијагностицирани повеќе ментални нарушувања.
Двете мајки се приклучија на бранот тужби против индустријата за игри за, како што тврдат во тужбите, намерно промовирање масовна зависност заради профит. Тужбите се трупаат од минатата година, кога беа донесени судски одлуки со кои на стотици семејства им беше дозволено да поднесат слични барања против главните социјални мрежи. Неколку децении откако тутунската индустрија беше погодена со тужби за зависности, повеќе технолошки гиганти се соочуваат со пресметка пред суд.