Сообраќајот преку граничниот премин Богородица вчера попладне беше нормализиран откако неколку часа беше во прекин поради пожар на грчка страна, кај Евзони. Во земјава и натаму беснеат пожари на повеќе локации и покрај постојаниот ангажман на пожарникарите и леталата од земјава и од земјите од регионот.
Добро утро, ова се останатите пет вести, важни за почеток на денот.
Кој ќе проектира од септември – еврокодовите се нов проблем за градежниците
Градежниот сектор влегува од еден во друг предизвик од почетокот на годинава наваму. Ненавременото донесување на измените во Законот за енергетска ефикасност ги остави енергетските контролори без лиценци. Тоа значеше дека од март до крајот на минатиот месец не се издаваа енергетски пасоши, што значи дека не се издаваа ни одобренија за градба.
Следниот позначаен предизвик доаѓа веќе од септември. Сите објекти оттогаш ќе се проектираат со примена на еврокодови, кои во Европската Унија се задолжителни од 2010 година. Градежните инженери со кои разговаравме велат дека иако посетувале обуки, не се чувствуваат подготвено за работа во согласност со еврокодовите.
На европските банки им е тешко да ги прекинат односите со Русија
И две години по руската општа инвазија на Украина, големите европски банки продолжуваат да имаат големи, сè попрофитабилни филијали во таа земја и покрај јавните ветувања дека ќе ги затворат.
Бројот на вработени во петте банки од Европската Унија (ЕУ) со најголем обем на деловни активности во Русија е намален за само три проценти од почетокот на инвазијата, додека нивните приходи се речиси трипати зголемени благодарение на високите камати што банките ги собираат од големите суми пари што им останале во таа земја.
Усвоен ребалансот на буџетот: За расходи планирани 5,8 милијарди евра
Владата го усвои ребалансот на буџетот за 2024 година според кој вкупните приходи се планирани на 318,15 милијарди денари (околу 5,1 милијарди евра), што е зголемување за 8,22 милијарди денари (133 милиони евра) во однос на првичните проекции.
Расходите се планирани на 362,81 милијарди денари (околу 5,8 милијарди евра) што е зголемување од 19,17 милијарди денари (311 милиони евра) во однос на претходниот буџет.
Стапката на инфлација во ЕУ падна на 2,6 проценти во јуни
Годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесува 2,5 проценти во јуни 2024 година, што е намалување од 2,6 проценти регистрирани во мај, соопшти Евростат. Една година претходно, стапката беше 5,5 проценти.
Годишната инфлација во Европската унија беше 2,6 проценти во јуни 2024 година, што е намалување од 2,7 проценти во мај. Една година претходно, стапката беше 6,4 проценти.
„Блекрок“ вели дека напаѓачот на Трамп се појавил во рекламата на компанијата
Томас Метју Крукс, 20-годишниот напаѓач кој пукаше и го повреди поранешниот претседател Доналд Трамп на митинг во Пенсилванија, накратко се појави во реклама за „Блекрок“ (BlackRock Inc.), соопшти компанијата.
Крукс беше еден од неколкуте студенти кои се појавија во заднината на рекламата во 2022 година и беа неплатени, се вели во соопштението на „Блекрок“, најголемиот светски менаџер на пари. Рекламата е снимена во средното училиште „Бетел Парк“, каде што Крукс завршил во 2022 година, а во неа бил вклучен и учител, соопшти компанијата.