Македонија и буквално гори. Температурите цела недела се над 40 степени, а на повеќе од десет локации во истиот период беснеат пожари. Гаснењето оди тешко, иако на помош дојдоа пожарникари и механизација од речиси сите земји од регионот.
Во очекување на најавеното заладување идната недела, експертите предупредуваат на ризици за енергетските системи. Потрошувачката на струја се зголемува со растот на температурите, а испадите не се невозможни. Паралелно, расте и цената на струјата.
Расте температурата и во Владата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го ребалансот на буџетот, констатира клиничка смрт на економијата. Затоа се намалени проекциите за растот годинава од 3,4 на 2,1 отсто. Во исто време трошењето на државата ќе се зголеми за 311 милиони евра. Дефицитот до крајот на годината ќе се зголеми на загрижувачки 68 отсто од БДП.
Проблеми со долговите имаат и општините во земјава. Дури 12 од нив функционираат со блокирани сметки. Спас се чека од државата.
Прочитајте повеќе:
Кој ќе проектира од септември - еврокодовите се нов проблем за градежниците
СБ: На Западен Балкан му се потребни 37 милијарди долари поради климатските промени
Европската централна банка, во согласност со очекувањата, вчера ја задржа каматната стапка непроменета во однос на јунскиот состанок. За септември се очекува нов чекор кон олабавување на политиките, но ако дотогаш стигнат податоци што ќе укажуваат дека се оди кон целта. Досегашните нецелосни податоци покажуваат забавување на инфлацијата, раст на потрошувачката и побарувачка на кредити.
ЕЦБ има и друг предизвик. Имено, повеќе од две години по инвазијата на Русија врз Украина, извлекувањето на европските банки од Русија оди тешко. Анализите покажуваат дека бројот на вработени во петте банки од Европската Унија (ЕУ) со најголем обем на деловни активности во Русија е намален за само три проценти од почетокот на инвазијата, додека нивните приходи се речиси трипати зголемени.
Прочитајте повеќе:
Тактики и политика: Кои се ризиците за економските односи меѓу Македонија и Грција?
Регион Адрија: Меѓусебно тргуваат, но сите се крстат во ЕУ и во Германија
Се разгорува и претседателската трка во САД. Минатиот викенд беше пукано во Трамп за време на митинг во Батлер, Пенсилванија. Поранешниот претседател на САД и републикански кандидат за претстојните избори беше повреден во увото, но порача дека е добро и продолжи со уште пожесток интензитет да ја води кампањата за изборите во ноември.
Неговиот противкандидат Џо Бајден, пак, се соочува со сè поголеми проблеми. Лошите настапи се причина сè поголем број демократи да го повикуваат да се повлече од трката. И токму кога рече дека ќе ги слуша советите на лекарите, му дијагностицираа ковид и се повлече во изолација.