„Тесла“ (Tesla Inc.) ќе ги повлече повеќето од автомобилите што ги продала во Кина поради проблеми што можат да настанат доколку возачот не забележи дека хаубата е отклучена, што претставува потенцијална безбедносна опасност, се наведува во соопштението на државниот регулатор на пазарот.
Така, понекогаш поради проблеми со системот за заклучување, возачот може да не биде информиран дека предната хауба не е заклучена, па може да се случи хаубата целосно да се отвори додека возилото е во движење, што го зголемува ризикот од несреќа. Тоа се причините за повлекувањето на автомобилите што во вторникот ги наведе Државната управа за регулирање на пазарот.
Производителот на автомобили ќе примени решение преку ажурирање на софтверот кај повеќе од 1,6 милион увезени модели на „модел ес“ (Model S) и „модел екс“ (Model X), како и на „модел 3“ (Model 3) и „модел уај“ (Model Y) што биле произведени помеѓу октомври 2020 година и јули 2024 година. „Тесла“ ќе контактира и со корисниците на автомобили што не може да се поправат преку ажурирање на софтверот и ќе им понуди алтернативни начини за решавање на проблемот, се наведува во соопштението.
Според податоците на кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување, околу 1,9 милион автомобили на „Тесла“ биле регистрирани на најголемиот странски пазар на американскиот производител на електрични возила до јуни годинава.
Поплаките од возачите во Кина доведоа до слично повлекување на повеќе од 1,8 милион автомобили на „Тесла“ во САД минатиот месец. Производителот на електрични возила првпат почнал да го истражува проблемот со случајно отворање на хаубата на „модел 3“ и „модел уај“ во Кина во март, според извештај објавен од американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во април компанијата ја идентификува деформацијата на прекинувачот за заклучување како причина за овој проблем.
Ова е второ големо повлекување на автомобили на „Тесла“ во Кина годинава, по она во јануари кога од тој пазар беа повлечени 1,6 милион возила. Тогаш за решавање на проблемот беа применети софтверски ажурирања со напреден систем за автопилот.