Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесува 41.939 денари и во однос на истиот месец минатата година е зголемена за 14,8 проценти, објави вчера Државниот завод за статистика. Зголемувањето се должи пред сè на растот на платите во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (24,6 отсто), административни и помошни услужни дејности (22,9 отсто), јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување (19,6 отсто).
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Високите камати товар за компаниите и граѓаните, но и ризик за финансиската стабилност
Борбата против инфлацијата преку затегната монетарна политика не би требало да трае вечно бидејќи високите камати носат ризици и за банкарскиот сектор односно за финансиската стабилност поради тоа што се зголемува ранливоста на домаќинствата и на компаниите кои се изложени на кредити.
Ценовната и финансиската стабилност се две страни од иста паричка, констатираат од Народната банка во новата анализа во која меѓудругото се објаснува дека монетарната политика и политиките за одржување на финансиската стабилност се меѓусебно суштински поврзани.
НЛБ не успеа да ја преземе австриската „Адико банка“
Словенечката банкарска групација НЛБ сепак не успеа да ја купи австриската „Адико банка“. Според деталите од официјалното соопштение објавено од словенечкиот заемодавец во вторникот вечер, НЛБ успеала да добие половина од уделот кон кој се стремела.
Еден од условите на кои инсистираше менаџментот на НЛБ беше банката да купи 75 отсто или поголем удел во австриската групација, а по понудата да има удел од 36,39 отсто, се наведува во соопштението. Акциите на „Адико банка“ паднаа во текот на денот на берзата во Виена за 2,5 отсто, а една акција чинеше 19,5 евра, додека НЛБ беше подготвена да плати 22 евра по акција. Акциите на словенечката банка поскапеа за 1,2 отсто, на 125 евра.
Раст на депозитите и на кредитите
Во јули годинава вкупните депозити остварија зголемување од 0,5 проценти на месечна основа, при годишен раст од 7,3 проценти, соопшти Народната банка. Оттаму информираат дека месечната и годишната промена во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
Во јули, вкупните кредити бележат раст за 0,6 проценти и 7,3 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно. „Месечната и годишната промена е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на секторот ‚домаќинства‘“, наведуваат од Народната банка.
Како економијата „кидалт“ го поттикнува пазарот на играчки
Изгледа децата нема да бидат единствените што додаваат играчки на списоците со желби за време на празниците - 89 проценти од родителите анкетирани од Здружението за играчки планираат да купат играчки за возрасни сезонава, а 43 проценти ќе купат за својот сопружник или партнер.
Повеќе од половина од анкетираните мажи (53 проценти) исто така ќе купат играчки за себе, како и 48 проценти од милениумските родители под 40 години. Возрасните што се заинтересирани за играчки и ситнурии, наречени „кидалти“, сега сочинуваат околу 25 отсто од пазарот на играчки вреден девет милијарди долари, според „Циркана“ (Circana).
Европските складишта со гас се речиси полни, цената паѓа
Резервите на природен гас во Европа се речиси полни, што помага да запре неодамнешниот раст на цените кој беше поттикнат од загриженоста за ризиците во снабдувањето. Нивоата на складирање на континентот достигнаа 90 отсто од капацитетите на 19 август, според најновите податоци од индустриската групација „Гас инфраструктура Европа“. Тоа е два месеци пред целта која ја постави Европската унија – 1 ноември.
Референтните фјучерси на гасот се движеа околу двенеделниот минимум во средата, откако загубија 4,7 отсто еден ден претходно, најмногу од јуни. Пазарот се покажа ранлив поради прекините во снабдувањето ова лето, при што загриженоста за преостанатите текови од Русија предизвика раст на почетокот на овој месец.