Инстаграм (Instagram) ги менува стандардните поставки за приватност за многу тинејџери, како дел од напорите за нивна поголема безбедност и давање поголема контрола на родителите над тоа како нивните деца се однесуваат онлајн.
Новите поставки ќе направат профилите на тинејџерите да бидат приватни по автоматизам, ќе го ограничат бројот на луѓе на кои тие можат да им испраќаат приватни пораки и ќе ги стават тинејџерите во „најрестриктивната“ категорија кога станува збор за прегледување чувствителна содржина.
Родителите ќе можат да видат со кои профили нивните деца разменуваат пораки, но нема да можат да ја читаат содржината на пораките.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Ќе се олицетворат ли конечно ангелите на македонските бизниси?
Конечно во подготовка е долгоочекуваниот закон што ќе го регулира финансирањето на стартапи преку моделот на бизнис ангели. Инфраструктурата во Македонија е поставена, се чека само на законот за да заживеат бизнис ангелите.
Искуството од другите земји покажува дека иако станува збор за многу ризични инвестиции, повратот е толку голем што искусните бизнисмени лесно се одлучуваат да ги помогнат новите бизниси и тоа не само со финансии, туку и со знаење и искуство.
НБРМ ја намали основната камата на 6,05 отсто
Народната банка ја намали референтната камата за 0,25 процентни поени. Ова е прво намалување на каматата на благајничките записи од март 2021 година и наедно прво намалување од почетокот на кризата со инфлацијата, кога започна циклусот на монетарно затегнување.
„Беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 6,05 отсто. Каматните стапки на депозитите прекуноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 отсто и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари“, се наведува во соопштението на НБРМ.
Фед ја намали каматната стапка за 50 базични поени
Фед ја намали каматната стапка за половина поен. Одлуката која е донесена синоќа за многумина е изненадување затоа што намалувањето на каматата за трошоците за задолжување е подрастично од очекувањата.
Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) се изјасни за намалување на целната референтна каматна стапка на опсег од 4,75 до 5 проценти.
Од јули лани досега каматните стапки во САД беа на највисоко ниво во последните 23 години.
ММФ ги одложува разговорите со Русија по критиките од ЕУ
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги одложи на неодредено време првите планирани консултации со Русија од почетокот на војната во Украина, поради критиките од земјите од Европската Унија, објави новинската агенција „Тасс“ (Tass).
Претставници на ММФ ги информирале Русија и одборот на ММФ дека мисијата е одложена од „технички“ причини, објави „Тасс“, цитирајќи го Алексеј Можин, извршен директор за Русија во меѓународната институција со седиште во Вашингтон.
Неколку земји од ЕУ ја оспориле одлуката на ММФ да се ангажира со Русија, тврдејќи дека постои ризик тоа да се смета за легитимирање на напорите на Кремљ да ги избегне санкциите наметнати од почетокот на војната во февруари 2022 година.
„Гугл“ ја победи ЕУ по обвинението за монопол во онлајн рекламирањето
„Гугл“ ја доби судската битка со Европската Унија (ЕУ), водена поради казната од 1,5 милијарда евра и обвинувањата дека ја спречува конкуренцијата во секторот на онлајн рекламирањето. Со тоа компанијата делумно го надомести поразот од минатата недела, кој го претрпе во посебна пресуда, поврзана со злоупотреба на монополските овластувања.
Судиите на Општиот суд на ЕУ во Луксембург ја поддржаа жалбата на единицата под капата на „Алфабет“ - на паричната казна изречена во 2019 година, велејќи дека регулаторите направиле грешки во нивната истрага.
На пресудата од средата сè уште може да се поднесе жалба до највисокиот суд на блокот, Судот на правдата, а одлуката доаѓа по два судски успеха на шефицата на антимонополските институции Маргрете Вестагер и нејзините обиди да го ограничи влијанието на Силициумската Долина.