ЕКОНОМИЈА
Инвеститорите не се воодушевени од кинеските стимулации на економијата
Кинеските официјални лица изразија уверување дека годинава ќе ги постигнат поставените економски цели и најавија понатамошни мерки за поддршка на економскиот раст. Сепак, тие се воздржаа од најавување посилни стимулации, што донекаде ги разочара инвеститорите, пишува „Блумберг“ (Bloomberg). Кинеските официјални лица, меѓу другото, ветија дека ќе ја забрзаат државната потрошувачка и ќе ги зголемат инвестициите и директната помош за групите со ниски приходи. Кина следната година ќе продолжи да издава државни обврзници со долг рок на достасување, за да поддржи големи проекти и да вложи 14 милијарди долари во клучни стратегиски области.
„Целосно сме уверени во постигнувањето на годишните цели за економски и социјален развој“, рече Женг Шанџије, претседател на НДРЦ (NDRC). Тој напомена дека Кина се соочува со посложено опкружување дома и во странство.
ПОЛИТИКА
На Блискиот Исток се водат борби на повеќе фронта
Израелските одбранбени сили соопштија дека пресретнале поголем дел од ракетите што кон Тел Авив ги лансирале припадници на Хамас и други групи поддржани од Иран. Имено, борбите во понеделникот ескалираа на повеќе фронта, и тоа на годишнината од војната меѓу Израел и Хамас. Израелските сили соопштија дека Хезболах, со седиште во Либан, истрелал 135 ракети кон северен Израел, додека израелските авиони бомбардирале во јужен Либан.
БИЗНИС
Профитот на „Самсунг“ потфрли, акциите паѓаат
На корпоративен план, акциите на „Самсунг“ (Samsung Electronics) паднаа речиси за два процента, откако компанијата пријави послаби приходи од очекуваните.
Најголемиот светски производител на мемориски чипови пријави оперативен профит од 6,8 милијарди долари во кварталот заклучно со септември, што е значително под проекциите на аналитичарите. Веднаш по објавувањето на профитот, раководството упати извинување до инвеститорите поради разочарувачките деловни резултати.
И акциите на „Амазон“ (Amazon) паднаа во електронското тргување, откако аналитичарите од Волстрит ја намалија оценката за акциите на таа компанија. Па така, акциите на „Амазон“ паднаа за три проценти, бидејќи аналитичарите стравуваат за профитните маржи на компанијата за следната година.
БЕРЗИ
Европа
Следува преглед на состојбата на глобалните пазари на капитал. Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано. Европските берзи ја започнаа неделава меѓу добивки и загуби, откако германските индустриски нарачки во август регистрираа драстичен пад.
Расположението на инвеститорите во еврозоната се подобри во октомври, покажаа последните податоци на „Сентикс“ (Sentix). Вистината е дека индексот сè уште е во минус, но од негативни 15,4 индексни поени порасна на негативни 13,8.
„Инвеститорите беа охрабрени не само од намалувањето на каматните стапки на Европската централна банка (ЕЦБ) туку и од најавените мерки за поддршка во Кина“, се наведува во извештајот.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси претежно се тргуваат во црвено, бидејќи инвеститорите ги намалија обложувањата на големо намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви (Фед). Индексот S&P 500 во понеделникот падна за еден процент, со што беше прекината четиринеделната добитна серија. Значи, силните податоци од пазарот на трудот не само што ги убија надежите за намалување од 50 базични поени туку сега се зборува и за можноста Фед воопшто да не ги намали каматите.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Растот на кинеските акции делумно потфрли, бидејќи инвеститорите беа разочарани од недостигот од посилни стимулации на економијата. Истовремено, клучниот индекс во Хонгконг потона најмногу во последните 16 години, додека јенот зајакна.
JPYUSD:CUR
JPY
0,00677 USD
почетна цена
0,006748
претходна цена на затворање
0,006748
промена од почетокот на годината
-4,7391%
дневен опсег
0,00 - 0,00
опсег на 52 недели
0,01 - 0,01