По вчерашната кривична пријава поднесена од страна на МВР против бизнисменот Фатмир Етеми, во која е наведено дека тој користел инсајдерски информации за да купи акции на банка од Скопје, денеска со реакција се огласи и самиот Етеми.
„Сакам да ја информирам јавноста дека станува збор за погрешно утврдена фактичка состојба, со која надлежните институции и граѓаните се доведени во заблуда, а мене лично ми е нанесена штета и нарушен угледот, кој го градам со години во бизнис-секторот“, се наведува на почетокот од реакцијата.
За појаснување, кривичното дело за кое се товари Етеми е „измама при работењето со хартии од вредност и удели“ по членот 275, став 3, од Кривичниот законик.
„Пријавениот во својство на член на надзорен одбор на банка од Скопје злоупотребил внатрешна информација, која се однесува на висината на дивидендата за 2023 година, која како член на надзорен одбор ја дознал во текот на 2024 година. На тој начин, користејќи ja ценовно чувствителната информација, истиот тој се стекнал со 500 обични акции...“, се наведува во вчерашното соопштение од МВР.
Според МВР, нелегално добиените информации Етеми ги споделил и со трети лица, поточно со членови на неговото потесно семејство и на тој начин тие купиле 701 акција на банката.
„Односно за акциите биле платени вкупно 11.520.967,00 денари, што овозможило да се стекнат со вкупна корист од 639.000,00 по основ на ценовната промена на акцијата, како и вкупно 646.100,00 денари по основ на дивиденда“, посочија од надлежното министерство.
Според Етеми, пак, станува збор за неточни информации пласирани во јавноста, кои имаат цел, како што вели, да го моделираат јавното мислење и однапред да креираат атмосфера на линч.
„Сакам јасно да кажам дека нема апсолутно никаков основ за злоупотреба на внатрешни информации што се однесува на висината на дивидендата за 2023 година, бидејќи моето стекнување на 500 акции е речиси еден месец подоцна, откога висината на дивидендата за 2023 година е јавно објавена за целата јавност на СЕИ нет, систем за електронски информации за котирани акционерски друштва на Македонската берза за хартии од вредност“.
Бизнисменот во реакцијата посочува дека висината на дивидендата била јавно објавена на СЕИ нет на 30.1.2024 година во Програмата за мерки и активности на деловната политика и Финансискиот план за 2024 година на банката, додека, како што вели, неговото стекнување акции е на крајот од февруари 2024 година.
„Дополнително и наспроти тврдењата дека акциите се стекнати по пониска цена, сакам да истакнам дека моето лично купување и купување на лица од моето потесно семејство е по далеку повисоки цени од берзанските цени што биле во периодот по објавувањето на висината на дивидендата што е објавена во Финансискиот план за 2024 година на банката, сè до моето стекнување акции на крајот од февруари 2024. Во овој меѓупериод вкупно од страна на други инвеститори и лица се стекнале и се истргувале повеќе од 17.000 акции од банката, кои се количини на акции далеку поголеми и цени далеку пониски од моето стекнување на 500 акции на крајот од февруари“, објаснува Етеми.
Тој додава дека неговото лично стекнување акции и купувањето на лица од неговото потесно семејство е извршено во редовно класично тргување по цени што биле берзански и пазарни на денот на купувањето, врз основа на побарувачката и понудата на редовниот пазар на Македонската берза.
„Не е основано ниту тврдењето дека имам прибавено некаква противправна имотна корист со купувањето на акциите оваа година, бидејќи акциите што ги купувам лично и акциите што ги купува моето потесно семејство се купуваат континуирано и сукцесивно во изминатите пет-шест години, истите акции се купуваат стратегиски и долгорочно и немам извршено никаква продажба на акции за да имам остварено некаква противправна имотна корист за мене или за моето семејство“, се истакнува во реакцијата во која Етеми изразува уверување дека институциите ќе бидат на ниво на задачата и, како што вели, нема да подлегнат на притисоците и ќе одлучуваат исклучиво врз база на законите и прописите во земјата.