Осум лица загинаа кога во петокот нешто пред 12 часот се урна дел од натстрешницата на влезот на железничката станица во Нови Сад, соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Има голем број повредени, но од Ургентниот центар во Нови Сад засега нема детални информации за нивната состојба, јави РТС. Засега е познато дека во болницата се хоспитализирани две лица, од кои едното е во многу тешка состојба по ампутирање на нозете.
Според Дачиќ, акцијата за спасување е во тек, се одвива во многу тешки услови и спасувачките екипи имаат контакт со две лица што останале заробени под урнатините. На местото на настанот излегоа пожарникари и екипи на брза помош, како и неколку багери и камиони за да го расчистат теренот. „Има 80 спасувачи од повеќе градови и тешка механизација“, рече министерот.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ најави дека ќе инсистира да се најдат одговорните за состојбата на урнатата натстрешница и кои не ги предупредиле властите за нејзината состојба.
„Без разлика што станува збор за натстрешница што е изградена во 1964 година, односно пред 60 години, ние ќе инсистираме да се најдат одговорните и сите што морале да се грижат за состојбата на зградата и кои морале да ги предупредат надлежните“, изјави Вучевиќ на местото на несреќата, пренесе „Бета“.
Од Железничката инфраструктура на Србија соопштија дека натстрешницата не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата во рамките на градежниот проект на брзата пруга Нови Сад-Суботица.
Поради несреќата, прекин на железничкиот сообраќај има на станицата Нови Сад, а возовите сообраќаат од правец на Белград кон станицата Петроварадин.
Вучевиќ рече дека денешната несреќа и денешниот ден се едни од најтешките во повоената историја на Нови Сад. „Ова е голема трагедија за Нови Сад и за цела Србија. Сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите во името на Владата и сите граѓани, како и во мое лично име“, рече тој, без да прецизира колку жртви имало во таа несреќа.
Тој им се заблагодари на сите спасувачи, пожарникари, лекари, медицински сестри и работници од комуналните претпријатија што сè уште се борат да спасат што е можно повеќе повредени.
Јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад води истрага кај зградата на железничката станица каде што се урна натстрешницата заедно со полицијата, надлежните инспектори и други служби. Обвинителот ги презема сите мерки и дејства во согласност со законот, за утврдување на сите релевантни факти и околности во врска со причината за настанувањето на овој настан, соопшти обвинителството, пренесува РТВ.
Истиот медиум објави дека Институтот за трансфузија на крв од Војводина апелира до граѓаните да се пријават за дарување крв. Како што соопштија, намалени се резервите на крвните групи О и А.