Од почетокот на месецов, популарната кинеска платформа за онлајн шопинг „Тему“ (Temu) конечно доставува и во Македонија. Пратките до крајните купувачи ќе ги испорачува поштенската компанија Еко Логистик Сервис (ЕЛС). „Блумберг Адрија“ неофицијално дознава дека првите пратки во моментот се во Унгарија и дека следниве денови треба да пристигнат во земјава.
Добро утро, ова се петте важни вести за почеток на денот.
Невработеноста се намалува, но проблемите на пазарот се зголемуваат
Стапката на невработеноста во земјава никогаш не била пониска. Статистичките податоци покажуваат дека на крајот на првата половина од оваа година изнесувала 12,5 отсто. Пред помалку од 15 години стапката изнесуваше над 30 отсто. Ваквиот тренд го потврдуваат и податоците од Агенцијата за вработување каде што се евидентирани сите кои бараат работа.
Според оваа евиденција, прв пат во јули годинава, бројот на невработени лица падна под 100.000. Во следните два месеци има благ пораст, но бројката и натаму е петцифрена. Сепак, ако малку подлабоко се анализираат овие позитивни бројки, се доаѓа до констатација дека не е сè така добро како што изгледа на прв поглед. Статистиката покажува дека бројот на работниците во некои сектори драматично се намалува.
Кој и како лови работници во Македонија?
Хедхантинг (анг.: headhunting, што во буквален превод значи ловење глави, односно ловење таленти најчесто за повисоки работни позиции) е специјализирана услуга за регрутирање, фокусирана на идентификување и привлекување таленти од највисоко ниво за работни позиции на високо ниво, како и за специјализирани или работни позиции тешки за пополнување со соодветни кандидати.
За разлика од традиционалното регрутирање, кое често вклучува објавување огласи за слободни работни места и чекање за апликанти, хедхантингот е проактивен пристап кој вклучува активно пребарување, ангажирање и оценување на кандидатите, од кои многумина можеби не бараат активно нови работни позиции.
Фрчат мултимилионски подароци во акции од македонски компании
Минатата недела ќе остане во убаво сеќавање за одредени лица што во наследство или како подарок преку таканаречени нетрговски трансфери на хартии од вредност добија делови од сопственоста од македонски компании, кои во некои случаи се вредни цело богатство.
Според податоците на Централниот депозитар, на 7 ноември бил извршен нетрговски трансфер на 16.250 акции од „Комерцијална банка“. Ако се земе предвид дека просечната цена на акциите на „Комерцијална банка“ следниот ден, на 8 ноември била 24.975 денари, тоа значи дека некој добил на подарок или во наследство акционерски капитал кој има пазарна вредност од околу 405 милиони денари (6,6 милиони евра).
Биткоинот се искачи над 81.000 долари на крилата од ветувањата на Трамп
Биткоинот првпат надмина вредност од 81.000 долари, поттикнат од поддршката на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за дигиталните средства и можноста за Конгрес со законодавци наклонети на криптото.
Трамп беше прогласен за победник во Аризона, освојувајќи ги сите седум клучни држави во САД. Неговата одлучна победа на претседателските избори предизвика славење во индустријата за дигитални средства, која потроши над 100 милиони долари за поддршка на различни кандидати што се пријателски настроени кон криптовалутите.
Голема измама со транспортни контејнери вредна три милијарди евра
Во минхенското предградие Гринвалд живеат најбогатите луѓе во Германија – стари богаташи и понекој корпоративен лидер и спортска ѕвезда. Местото зрачи со почит и дискреција, а жителите ги ценат соседите што не поставуваат премногу прашања.
Тоа е идеално место за седиштето на компанијата „Пи енд ар контејнерс“ (P&R Containers). Фирмата што наводно се занимава со транспорт е сместена во зграда од само неколку ката и со големи прозорци. Се наоѓа на кривулеста улица заедно со лекарски ординации и канцеларии на агенти за осигурување и агенти за недвижности. Тоа е една од најмалите згради во тој дел, а зад стаклените врати воопшто не се крие луксуз, туку едноставни соби со сиви теписи и бели ѕидови.