НАСА го одложи лансирањеto на својата нова масивна ракета поради проблем со еден од главнитe мотори, што му зададе привремен удар на планот на вселенската агенција да се врати на површината на Месечината.
Мисијата Artemis I (Артемида I) без екипаж беше откажана во 8:34 часот по локално време во вселенскиот центар Кенеди на Флорида за да се процени температурниот проблем, соопшти НАСА во соопштението издадено пред малку. Ракетата и вселенската капсула се во „безбедна и стабилна конфигурација“, а инженерите на НАСА продолжуваат да собираат податоци.
Најраната достапна можност за повторен обид е на 2 септември, но не е донесена одлука за презакажување.
Официјалната потврда за доцнењето дојде откако вселенската агенција ги помина раните утрински часови истражувајќи различни прашања поврзани со лансирањето, вклучително и потенцијална пукнатина во главното тело на ракетата, како и можни проблеми со температурата во еден од главните мотори, изјавија официјални лица претходно во понеделникот. Инженерите претходно испитуваа и решија сомнително истекување кое влијаеше на процесот на резервоарот на водород.
Мисијата Артемида ќе биде првиот голем лет во амбициозниот план на НАСА за испраќање на првата жена и првата личност со поразлична боја на кожата на површината на Месечината веќе во 2025 година. Новата капсула беше развиена од Lockheed Martin Corp.
Планирано беше на стартот на мисијата на Artemis I, SLS да ја испрати таа капсула Орион на 42-дневна мисија, а со неа ќе одат и доста сензори за следење на патувањето. Капсулата има задача да се вметне во орбитата на Месечината и да влезе во длабоката вселена пред да се врати на Земјата во Тихиот Океан кај Сан Диего.
Системот за вселенско лансирање веќе заостанува повеќе од пет години. Тој е во развој околу една деценија, забавен од огромен број одложувања и пречекорувања на трошоците. Трошоците за развој на програмата се зголемија од оригиналните 7 милијарди долари на околу 23 милијарди долари.
Доколку биде успешна, програмата Артемида, именувана по сестрата близначка на богот Аполон во грчката митологија, ќе го види враќањето на луѓето на површината на Месечината за прв пат по 50 години. Никој не ја посетил Месечината од Аполо 17 во декември 1972 година.
Акциите на Боинг паднаа за околу 1,2 отсто во претпазарното тргување. Акциите на Локхид Мартин паднаа за помалку од 1 процент.