Полициски службеници во координација со другите институции им помагаа на граѓаните во Скопје по големото невреме. Се извлекуваа заглавените возила од подвозниците кај хотелот Александар палас, кај Континентал и кај стоковна куќа Мост.
Интервенира и службата за итна медицинска помош. За МИА информираа дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повреди.
Невремето почна околу 16.50 часот, а на телефонските броеви 112 и 195 досега имало околу 100-тина пријави за- паднати дрва, поплавени простории и коловози, одувани кровни конструкции и скинати проводници.
Претходно беше јавено дека четири автомобили од кои во еден се наоѓаат и деца се блокирани, a уште 15 лица се заглавени во едно комбе и други автомобили кај стоковната куќа Мост.
Од невремето беше поплавен и најголемиот трговски центар во земјава „Ист Гејт“. На социјалните мрежи се споделуваат видеа и фотографии на кои се гледа големо количество вода и во паркингот, но и во приземјето. Од трговскиот центар велат дека излевањето било од атмосферската канализација на уличната мрежа
„Во овие услови, менаџментот на трговскиот центар донесе одлука да го затвори центарот за јавноста и да ги евакуира посетителите и вработените. Согласно усвоените сценарија за безбедност и заштита во услови на елементарна непогода, трговскиот центар беше евакуиран за кратко време. Во моментов, заради безбедност на посетителите, возилата во подземната гаража на трговскиот центар ќе останат паркирани, се до исцрпување на водата. Техничките служби во трговскиот центар во моментот работат на исцрпување на водата од подземната гаража. Овие активности ќе траат во текот на целата ноќ. Во зависност од прогресот на активностите поврзани со санација на поплавата, трговскиот центар утре, во текот на раните утрински часови, ќе ја информира јавноста и закупците дали трговскиот центар ќе биде отворен за потрошувачите, стои во соопштението од „Ист Гејт“.
Од Градот Скопје соопштија дека по невремето кое го зафати градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свикала итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцински пак информираше дека службите на општината се на терен и се во комуникација со градските претпријатија за отстранување на проблемите кои настанаа по невремето.
„Во моментов од наша страна се детектираат најпогодените точки во општината и секаде каде што е забележана штета предизвикана од невремето, истата ќе биде посочено до надлежните градски претпријатија за нејзиното санирање во најкраток рок“, соопштија од општината Аеродром.