„Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа можат и треба да соработуваат“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во официјалното обраќање на денешната заедничка седница во Скопје на владите на Северна Македонија и на Албанија, при што најави и потпишување меморандум за разбирање за развој на патната поврзаност.
„Заеднички е ставот дека треба да се вложат напори за изградба и завршување на патната инфраструктура во делот од патниот коридор 8, кој ќе ги зајакне економските и трговските односи помеѓу двете земји. Со овој меморандум се декларира заедничката волја да работиме заедно за постигнување на целта - поврзување на целиот коридор 8 до 2030 година“, рече премиерот.
Тој наедно посочи дека не толку одамна целиот Балкан бил во заложништво на ретроградни политики.
„Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства што можат да се издигнат над личните политички интереси и лидери што гледаат напред и кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно секогаш можеме повеќе, затоа за неколку кратки години, преку искрена политичка волја за напредок, ние постигнавме и многу повеќе од тоа што можеше да се замисли тогаш. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Република Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес. Слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа можат и треба да соработуваат и да си помагаат во економскиот развој“, кажа Ковачевски.
Тој се осврна и на соработката во услови на криза во рамките на иницијативата Отворен Балкан и во рамките на Берлинскиот процес, на унапредувањето на билатералните односи и соработката во сферата на одбраната како рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.
„Некои не веруваа, но, ете, ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули двајцата, во име на нашите држави и граѓани, ја имавме честа да ги чуеме зборовите 'ги означувам преговорите за започнати', кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел се непроценливи и јас засекогаш ќе ги паметам и ценам. Како што се вели, во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО. Ние имаме иста цел - полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Како прогресивни влади вложивме многу труд и покажавме дека само со соработка има напредок“, потенцира Ковачевски, нагласувајќи го значењето на реализацијата на проектите за инфраструктурно поврзување на двете земји.
Тој оцени дека отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот се огромен успех, процесот е започнат и сега, како што рече, со целосно заштитен идентитет и национални интереси, признаени и потврдени во Европа, напредуваме во реформите за да обезбедиме европски стандарди и принципи.
Ковачевски додаде дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во парламентот“, за во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.
„Нема простор повеќе за оправдувања што би го закочиле пристапот на евроинтеграции на нашата држава. Сега сè е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во парламентот, за да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги започнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста заедно и да ги завршат преговорите“, порача премиерот Димитар Ковачевски.
На меѓувладината седница официјално обраќања имаше и албанскиот премиер Еди Рама, по што започна отворена дискусија помеѓу министрите од двете влади.
Во рамките на меѓувладината седница ќе се одржи и церемонија на потпишување договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади за продлабочување на соработката помеѓу двете земји.