Ние сакаме мирна иднина, но Западот оркестрира војна против Русија, рече рускиот претседател Владимир Путин на комеморацијата на Денот на победата над нацистичка Германија во 1945 година, каде што им оддаде посебна благодарност на хероите во „специјалната воена операција“ во Украина, како што тој ја нарекува руската инвазија на Украина.
„Нивната единствена цел е да го видат падот на нашата земја“, рече Путин, мислејќи на Западот, на комеморацијата на Денот на победата. За време на неговото обраќање до војниците и руската политичка елита собрана на Црвениот плоштад, Путин рече „вистинската војна е против нашата татковина“.
Рускиот претседател ги обвини западните елити дека ги поттикнуваат „народите едни против други, ги делат општествата, предизвикуваат крвави конфликти“. Како што рече, Русија е за „мирна иднина“, но Западот сее „омраза и русофобија“. Тој додаде дека иднината на Русија зависи од руските борци во Украина.
„Целата земја е обединета во поддршка на нашите херои. Се молиме за вас. Ништо не е поважно од вашата воена задача. Безбедноста на земјата денес зависи од вас, иднината на нашата земја и нашиот народ зависи од вас“, беше пораката на Путин до војниците, меѓу кои беа и околу 500 од нив што учествувале во руската офанзива во Украина.
Тој во својот говор рече дека светот повторно е на пресвртница. „Цивилизацијата повторно е на пресврт. Поведена е војна против нашата земја“, рече Путин, посочувајќи дека украинскиот народ е „заложник на државен удар“ и западни амбиции.
По краткиот говор на Путин, илјадници војници продефилираа низ Црвениот плоштад. Денот на победата е еден од најважните празници во Русија, кога луѓето се сеќаваат на огромната жртва што ја направи Советскиот Сојуз за време на Големата патриотска војна од 1941 до 1945 година, која однесе животи на 27 милиони луѓе.
Оваа годишнина е особено емотивна затоа што Русија истовремено тагува за илјадниците војници загинати во 15-месечната војна во Украина, на која не ѝ се гледа крајот.
Исто така, 78-годишнината од големата победа доаѓа по серијата напади во Русија, вклучувајќи го и нападот со дронови врз Кремљ, експлозии поради кои излетаа возови од шините и бомбашки напад во кој беше ранет голем поддржувач на Кремљ, писателот Захар Прилепин.
Поради серијата неуспеси на линијата на фронтот во Украина и нападите на руска територија, годинешната парада се одвива под засилени безбедносни мерки.
По 15 месеци од почетокот на офанзивата на Украина, руската армија е ослабена поради загубите на човечка сила и со месеци не може да го освои источниот град Бахмут, поради што дојде до раздор меѓу Генералштабот и паравоената група „Вагнер“, а во исто време Киев само што не тргнал во контраофанзива.
Претседателот Путин останува изолиран и има налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Шест лидери на земји од Заедницата на независни држави (ЗНД) пристигнаа во Москва за да го прослават Денот на победата и ја следеа парадата од трибините на Црвениот плоштад.
Годинешната воена парада во Москва за Денот на победата е многу помала од вообичаеното. Нема посебна програма на руските воздухопловни сили, а на Црвениот плоштад минаа значително помалку војници од вообичаено.
Ќе изостане и маршот на „Бесмртниот полк“, кога Русите низ повеќе градови носат натписи со имињата на нивните предци што се бореле и загинале во Втората светска војна. Кремљ соопшти дека тоа нема да се случи годинава поради „безбедносни причини“.