Кина има забелешки на најавата САД да претседаваат Г20 во 2026 година, што веќе беше објавено од администрацијата на претседателот Џо Бајден, велат анонимни извори.
Членовите на Г20 го ротираат своето претседавање со групата, вклучувајќи го и годишниот самит на светските лидери, а САД соопштија дека ќе ја преземат улогата откако Индија, Бразил и Јужна Африка ќе го завршат својот едногодишен мандат.
Приговорот на Кина - кој, според еден извор, беше поддржан и од Русија - е во голема мера симболичен бидејќи е малку веројатно дека одлуката ќе биде поништена. Изворите побараа да не бидат именувани бидејќи дискусиите на маргините на актуелниот самит на Г-20 во Индија се приватни.
Пекинг побара да се забележи нивното незадоволство, но до крајот на 2025 година, сите членки ќе бидат домаќини на најмалку еден самит и ќе има точка каде што ротацијата повторно ќе започне. САД беа домаќини на првиот Г20 во Вашингтон во 2008 година.
Обидите да се наруши таа конвенција го одразуваат конфликтот на Кина со САД околу прашања кои се движат од Тајван до контрола на извозот на технологија. Ниту кинескиот лидер Си Џинпинг, ниту рускиот претседател Владимир Путин не присуствуваат на самитот на Г20 во Њу Делхи.
Групата на најмоќните земји во светот е поделена на регионални подгрупи, чии членови одлучуваат кој ќе биде домаќин на самитот. САД се во група со Канада, Австралија и Саудиска Арабија.
Белата куќа не одговори на барањето на „Блумберг“ за коментар.
Говорејќи пред новинарите во Њу Делхи претходно во саботата, американскиот заменик-советник за национална безбедност, Џон Финер, истакна дека Индија, Бразил и Јужна Африка - „трите демократски членки на групата БРИКС“ што ги вклучува и Кина и Русија - се актуелната и следните две претседавачки земји.
„Тие се посветени на успехот на Г20, исто како и САД. По нив ќе бидеме домаќини“, рече Финер. „И ако Кина не учествува, тоа е лошо за сите, но најлошо е за самата Кина“.