Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе пристигне во посета на Скопје. Таа ќе има средби со државниот врв, со претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски. Во твитот на Европската комисија беше објавено дека таа ќе се обрати и во Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог со кој треба да се одблокираат македонските евроинтеграции.
Во исто време кога Усула фон дер Лајен ќе се обраќа во Собранието ќе има и протест кој во земјава со денови се одржува под мотото „Ултиматум, не благодарам“
Синоќа беше најавено дека протестот ќе се одржи во 13.30 часот, пред почетокот на собраниската седница, на која ќе се расправа за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера најави дека Протоколот со Бугарија ќе биде објавен пред властите да го потпишат.
Според шефот на дипломатијата Османи во Протоколот, како и во целиот француски предлог нема ништо спорно, но дека и Бугарија е незадоволна од предложениот компромис.
„Тие не се задоволни, затоа што треба да признаат македонски јазик, официјално во Европската унија. Тие не се задоволни што нема поглавја, што нема одредници… единствено што добија е промена на Уставот за да бидат внесени Бугарите. Ништо повеќе нема во францускиот предлог како компромис, освен тоа, рече Османи за телевизија 24.