Поранешниот претседател Доналд Трамп победи на прелиминарните избори за претседателски кандидат од републиканците што синоќа се одржаа во Ајова.
И покрај големиот студ, кој ноќеска на некои места достигна -37 Целзиусови степени, републиканците од оваа сојузна држава гласаа на таканаречените кокуси, собири по цркви, училишта и други јавна места, и го избраа Трамп за свој кандидат на претседателските избори закажани за ноември годинава.
Далеку зад него, за второто место се бореа поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, и гувернерот на Флорида, Рон Десантис. На анкетите во Ајова Трамп водеше со 53 отсто, додека рејтингот на Хејли и на Десантис беше 19 и 16 отсто, соодветно. Тројцата изминатата недела интензивно митингуваа во Ајова, иако Трамп откажа неколку митинзи поради екстремно ладното време.
Резултатите во Ајова се важни и покажуваат какво би било расположението на републиканците на следните гласања во клучните држави, како она што е закажано во Њу Хемпшир на 23 јануари.
Победата на Трамп значи дека партијата стои зад него и покрај неговите лажни тврдења дека изборите во 2020 година биле украдени, но и фактот дека против него се поднесени 91 кривично обвинение, поврзани претежно со скандалот со отуѓување доверливи државни документи и со обидите да се укинат изборите во 2020 година.
Ако Трамп навистина победи, ќе следува повторен дуел меѓу него и претседателот Џо Бајден, по оној од пред четири години. Бајден тврди дека во напорите да ги дискредитираат изборите во 2020 година, Трамп и неговите соработници претставуваат закана за американската демократија.