До крајот на идната недела се очекува да се постигне договор околу идната влада, во која би партиципирале ВМРО-ДПМНЕ и партиите од нивната коалиција и коалицијата Вреди. Според првиот човек на Алијансата за Албанците и гостиварски градоначалник Арбен Таравари меѓу нивните работни групи владее позитивна атмосфера. Во понеделник тој очекува тие да излезат во јавноста со заедничка програма, а до петок да имаат завршен договор за нова влада.
Првата средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди се одржа во четвртокот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но нема информации дали тие вчера повторно се сретнале. Во јавноста веќе се лиферуваат неофицијални информации за поделба на министерските ресори, за имињата на новите министри, како и за тоа дека конститутивната седница на Парламентот би можела да се одржи на 27 мај.
Според резултатите од парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати во новиот 120 – член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – 18 пратеници, Европскиот фронт – 19 пратеници, коалицијата од албанскиот опозициски блок Вреди, Левица има 6 пратеници, исто колку и движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Сепак, конечниот состав на новото Собрание ќе биде познат по прегласување на неколку избирачки места в среда.