Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, му посака добредојде на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во еден од неговите луксузни голф ресорти едвај една недела откако унгарскиот лидер даде забелешки кои беа споредени со нацистичка реторика.
Трамп објави изјава во која вели „одлично е што поминувам време со мојот пријател“ и дека двајцата ја прославуваат изборната победа на Орбан во април, кога Трамп го поддржа.
Двајцата треба да се обратат на конференција за конзервативно политичко делување во Далас подоцна оваа недела. Орбан ќе зборува на собирот в четврток попладне, а Трамп треба да ги изнесе завршните зборови в сабота.
Сепак, присуството на Орбан предизвика критики и вознемиреност по говорот на 23 јули во Романија, во кој тој рече дека сака да спречи Унгарија да стане земја со „мешана раса“ и се спротивстави на „поплавата“ од мигранти на кои земјата се „присилува“.
Сузана Хегедус, која е Еврејка и долгогодишен сојузник и советник на Орбан, поднесе оставка по говорот.
Хегедус, во писмото објавено од веб-страницата hvg.hu, напиша: „Не знам како не забележавте дека говорот што го одржавте е чисто нацистички говор достоен за Јозеф Гебелс“, мислејќи на главниот пропагандист на Адолф Хитлер. „Овој говор ќе им се допадне на 'најжестоките расисти'“, посочи таа.
Орбан го отфрли обвинувањето, велејќи дека неговата влада има „политика на нулта толеранција за антисемитизмот и расизмот“.