Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија, Михалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјава.
Наедно, Муцунски изразил уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на стратегиската определба на земјава за идно членство во ЕУ, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската Унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјава и ја потенцирал нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.
На средбата, како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, била акцентирана и важноста од што поскора интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а во тој контекст бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западен Балкан како значаен политички и финансиски влог на ЕУ во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.
Грчкиот дипломат Михалис Рокас ќе го замени актуелниот евроамбасадор Дејвид Гир.
Рокас во земјава доаѓа од Малезија, каде што бил на должноста амбасадор на ЕУ и шеф на Делегацијата на Унијата од декември 2020 година.