Поранешниот претседател Доналд Трамп е безбеден откако Тајната служба отвори оган врз маж што носел автоматска пушка на неговиот голф-терен во Вест Палм Бич, Флорида, во неделата, во настан што ФБИ го нарече очигледен обид за атентат.
Осомничениот, кој веќе е приведен, е идентификуван од страна на федералните власти како 58-годишниот Рајан Раут. Тој има осум апсења во своето досие, наводно за помали прекршоци, објави Си-ен-ен (CNN). Во 2002 година Раут бил осуден за поседување митралез, според судските записи на кои се повикува Ен-би-си (NBC).
Инцидентот би претставувал втор обид за атентат на републиканскиот претседателски кандидат во последните два месеца, откако напаѓач го рани Трамп во увото за време на отворен митинг во Батлер, Пенсилванија, на 13 јули, неколку дена пред да присуствува на Републиканската национална конвенција. ФБИ соопшти дека „истражува настан што изгледа како обид за атентат на поранешниот претседател Трамп“.
Прочитај повеќе
Тејлор Свифт ги вклучува своите 283 милиони обожаватели во неизвесните избори во САД
Како што американската претседателска трка се приближува кон својот крај, сите очи се вперени кон тоа дали поп-пејачката може да стане и политичка фигура.
12.09.2024
Камала Харис го навлече Трамп на дебата под нејзини услови
Камала Харис својата дебатна стратегија во вторникот вечер ја засноваше на провоцирање на Доналд Трамп.
11.09.2024
Кенеди го поддржа Трамп
За семејството Кенеди ова е „тажен крај на една тажна приказна“
24.08.2024
Изборниот штаб на Трамп и американската тајна служба соопштија дека поранешниот претседател не е повреден во неделата, откако агент на Тајната служба имал контакт со напаѓачот, кој, според процените на властите, се наоѓал на растојание од 300 до 500 јарди од Трамп додека тој играл голф. Напаѓачот побегнал, но врз основа на описот на сведоците за возилото на осомничениот, тој бил запрен и уапсен на државниот пат 95, изјави шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, на брифинг со новинарите.
„Во грмушките каде што се наоѓал овој човек беше пронајдена пушка во стил на ’АК-47’ со нишан“, два ранци и камера „гопро“ (GoPro), рече Бредшо. „Агентот на Тајната служба на теренот заврши фантастична работа“.
Безбедносниот распоред подразбира агент на Тајната служба да биде позициониран една позиција пред Трамп, додаде Бредшо. „Тој успеал да ја забележи цевката на пушката како излегува од оградата и веднаш стапил во контакт со тој поединец, при што поединецот побегнал“, посочи тој.
Безбедноста на Трамп како претпоставен, а подоцна и потврден претседателски кандидат, се најде во центарот на вниманието по пукањето во Пенсилванија, што предизвика критики кон Тајната служба и доведе до оставка на директорката на агенцијата Кимберли Читл.
Тоа пукање ја потресе американската претседателска кампања, која повторно доби поинаков тек осум дена подоцна, кога претседателот Џо Бајден се повлече од трката, отворајќи ѝ го патот на потпретседателката Камала Харис да му се спротивстави на Трамп на изборите во ноември.
Трамп (78) беше погоден во десното уво кога атентатор отвори оган кон него за време на митинг во Батлер, при посета на Пенсилванија, која е клучна држава за изборите, на неговиот последен митинг пред Републиканската конвенција. Додека безбедносните агенти брзо го повлекоа од бината, неговото лице беше покриено со крв, но во знак на пркос, тој ја крена тупаницата во воздух. Подоцна изјави дека додека го повлекувале викал: „Борба, борба, борба.“
Двопартиската конгресна работна група, формирана по пукањето во Пенсилванија, изјави дека ќе го истражува и инцидентот на Флорида. Двата изборни штаба продолжија со барањата за собирање средства и не најавија прекин на политичките реклами или патувањата на кандидатите.
„МОЈАТА ОДЛУЧНОСТ Е УШТЕ ПОСИЛНА ПО УШТЕ ЕДЕН ОБИД ЗА НАПАД ВРЗ МОЈОТ ЖИВОТ!“, напиша Трамп подоцна таа ноќ во порака до своите поддржувачи.
Промена на фокусот
Инцидентот во Флорида најверојатно брзо ќе го пренасочи националното внимание од дебатата во вторникот и ќе му овозможи на Трамп нов почеток.
Некои од соработниците и сојузниците на Трамп брзо реагираа. Претседателката на Републиканската конференција на Претставничкиот дом, Елисе Стефаник, изјави дека Американците „мораат да застанат зад него во ноември за да ја заштитат нашата република и да го вратат мирот во светот“.
Сенаторот Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина и близок до Трамп, на X (поранешен Твитер) напиша дека разговарал со него по инцидентот и дека тој бил во добро расположение.
Белата куќа соопшти дека Бајден и Харис биле информирани за „безбедносниот инцидент“ на голф-теренот на Трамп и дека им олеснило по веста дека тој е безбеден. „Насилството нема место во Америка“, напиша Харис на својот потпретседателски профил на X.
Бајден изјави дека му наредил на својот тим да продолжи да „обезбедува Тајната служба да ги има сите ресурси, способности и мерки за заштита потребни за да ја гарантира безбедноста на Трамп“.
Трамп се врати на Флорида за време на викендот по обиколката на Западниот Брег, каде што одржа митинг за собирање средства во Лас Вегас. Голф-теренот се наоѓа спроти меѓународниот аеродром во Палм Бич и во близината на одморалиштето на Трамп, Мар-а-Лаго, во Вест Палм Бич.