Илјадниците пејџери и други уреди што експлодираа во Либан неделава претставуваат нова и смртоносна ескалација во користењето на синџирите за снабдување против противниците, што ја засилува итноста кај глобалните лидери да ја намалат својата зависност од технологиите на ривалите.
Либанските власти веруваат дека уредите биле полнети со експлозив како дел од сложен напад, наводно од Израел врз Хезболах, со што биле пробиени синџирите на снабдување на групата што е поддржана од Иран, преку врски од Тајван до Унгарија.
Иако уреди со стапици се користат во шпионските активности со години, обемот и жестокоста на нападите во Либан - кои убија најмалку 37 лица, вклучувајќи две деца, и повредија околу 2.300 други - ги загрижија дури и искусните официјални лица. Тие се плашат дека глобализираните синџири на снабдување, кои помагаат во производството на евтини производи и го поттикнуваат глобалниот раст, може да станат оружје во рацете на странски противници.
Прочитај повеќе
Мосад со експлозивни пејџери против раководството на Хезболах
Околу 3.000 луѓе, вклучително и стотици претставници на Хезболах, беа повредени, а неколкумина загинаа низ Либан во вторникот, кога пејџерите што ги користат за комуникација експлодираа.
18.09.2024
„Кога зависите од други земји за клучни суровини или технологии, давате заден влез во сè што правите“, рече Мелани Харт, која до неодамна беше висока службеничка во Стејт департментот задолжена за овие прашања, а сега работи во Атлантскиот совет. „Ова е демонстрација на тоа како изгледа кога таа зависност се претвора во оружје“.
Американските власти долго време признаваат дека САД се премногу зависни од Кина за различни стоки и услуги и во последниве години владата почна да се обидува да ги премести виталните синџири на снабдување, особено оние што се поврзани со националната безбедност, во САД процес познат како „оншоринг“ (on-shoring), или да ги преместат во пријателски земји, познато како „френдшоринг“ (friend-shoring).
„Ако Израел може да го направи ова, и Кина може да го направи истото тоа“, рече американскиот претставник Сет Мултон. „Долгите, нетранспарентни синџири на снабдување оставаат празнини што може премногу лесно да се искористат и ни треба стратегија за нивно затворање во тесна соработка со нашите сојузници“.
Поранешен висок американски разузнавачки службеник ги опиша експлозиите во Либан како најнов и најдраматичен пример од неколку тековни напади на синџирите на снабдување низ светот. Тие често траат со години за да се подготват и обично се тесно насочени за да се ограничат колатералните штети, рече официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен бидејќи станува збор за тајни информации. Операциите на пресретнување - каде што стоките се пресретнуваат и се модифицираат пред да бидат испорачани на крајниот примател - се во пораст, изјави поранешниот разузнавач.
„Инфилтрирањето во синџирот на снабдување е доста стандардна алатка на разузнавачките служби“, вели Холден Триплет, поранешен функционер на ФБИ. „Во последниве години најмногу го гледаме како средство за собирање информации, но, како што бевме сведоци деновиве, може да се користи и за целни убиства“.
Кина има подготвено сајбер-напаѓачи што може да „предизвикаат хаос на нашата критична инфраструктура во време по нејзин избор“, предупреди директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, во април. „Нејзиниот план е да нанесе удари врз цивилната инфраструктура за да предизвика паника и да ја скрши американската волја за отпор“.
Американските шпиони имаат историја на искористување на доминацијата на Америка во многу синџири на снабдување за да воведат технологии за целење на ривалите, од операцијата „Стакснет“ (Stuxnet), која ја погоди иранската нуклеарна програма, до откритијата пред повеќе од една деценија дека агенти ги модифицирале опремите од американските технолошки компании испратени во странство.
Заштитата од инфилтрација во виртуелниот свет е особено тешка.
„Имате многу уреди што секако дека веќе содржат злонамерен код, без разлика дали се за комуникација или се критична инфраструктура“, рече Еран Фајн, извршен директор на израелската компанија „Нанолок секјурити“ (Nanolock Security), која ја обезбедува индустриската критична инфраструктура од сајбер-напади и прекини во синџирот на снабдување.
Вашингтон се обидува да ја намали или целосно да ја елиминира зависноста од кинески компании во инфраструктурата и националната безбедност, вклучувајќи го и отстранување хардвер во програмата позната како „извади и замени“.
Но меѓузависноста е тешко да се избегне. Минатата година американската морнарица го намали бројот на кинески доставувачи во своите синџири на снабдување со „критични технологии“ за околу 40 отсто, според „Говини“ (Govini), компанија за анализа на податоци на владата. Но военото воздухопловство и други агенции за одбрана ја зголемија својата зависност од Кина, според истата компанија.
Кина, од своја страна, долго време води кампања за „домашни иновации“ со цел да ја намали зависноста на земјата од странски технологии, од авионски мотори до оперативни системи за компјутери. Минатата година повеќе кинески агенции и компании поддржани од владата им наредија на вработените да престанат да носат ајфони и други странски уреди на работа.
Уредите на Хезболах можеби содржеле скриен експлозив
Алтернативи тешко се наоѓаат.
„САД може да се потпираат на високотехнолошки партнери насекаде, верни сојузници, пријатели со кои ги споделуваме најдлабоките разузнавачки тајни“, рече Харт, поранешната американска функционерка.
„Најдобрите опции на Кина за пријателски снабдувачи се Русија, Северна Кореја и Сирија“, рече таа. „Пекинг бара нови пријатели на глобалниот југ, но тешко е да се реплицира западната технолошка предност“.
Дури и користењето нискотехнолошки решенија не гарантира безбедност, како што покажаа настаните во Либан неделава.
Хезболах употребуваше пејџери, технологија што е синоним за 1990-тите, со цел да избегне американски и израелски надзор.
„Хезболах одлучи да премине на ниска технологија за да ја намали својата подложност на напади, но очигледно не може да се спуштиш толку ниско во технолошка смисла, за да бидеш сигурен дека ќе избегнеш ранливости“, рече Бред Глосерман, висок аналитички советник во „Пацифик Фирум“ (Pacific Forum).
„На крајот, во свет на драстично проширени синџири на снабдување, ранливостите се дел од системот“, вели Глосерман. „Секоја организација мора да купува нешто. Ранливоста е факт на животот“.