Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) сака да помогне во стабилизација на пазарот на должнички капитал во Централна и Источна Европа, кој што е особено потресен по руската инвазија врз Украина и зголемувањето на каматните стапки.
„Гледаме голема потреба да преземеме нешто на пазарот“, изјави во едно интервју Шарлот Руе, извршна директорка на ЕБРД за централна и источна Европа. „Очекуваме дека годинава ќе биде голема во тие земји, бидејќи гледаме дека има значајна побарувачка“, додаде Руе.
Директорката на ЕБРД за регионов рече дека банката може да преземе поголем удел во новите пласмани од 20 отсто, колку што традиционално прифаќа како поставена горна граница за своето делување.
Пристапот до финансии стана покомплициран за издавачите на обврзници од регионот бидејќи растечката инфлација предизвика низа покачувања на каматните стапки, кои ги зголемуваат трошоците за локално задолжување. Близината на војната во Украина и очекувањата за зголемување на каматните стапки во САД и еврозоната, исто така, ги зголемија трошоците за емисии во странска валута.
Нестабилноста на пазарот дополнително ја искомплицира сликата.
Улогата на ЕБРД станува уште поважна со оглед на зголемените пазарни турбуленции поради се поголемата загриженост за глобалното економско забавување токму во момент кога Европската централна банка (ЕЦБ) почнува да ги зголемува каматните стапки од речиси нулта нивото.
„На почетокот се работеше само за војната“, рече Руе. „Сега почнуваме да гледаме дека постои голема нервоза кога станува збор за каматните стапки на ЕЦБ“, додаде директорката на ЕБРД.