Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, го пофали напредокот во регулативата и стабилноста од финансиската криза во 2008 година, велејќи дека креаторите на политиката се подготвени во случај да се разгорат превирањата.
„Централните банки не се познати по шпекулациите, но во последните две недели се соочивме со два идиосинкратски настани. Тоа што го видов е дека овие настани ги решаваат одговорните органи“, рече Нагел денеска во Единбург.
Колапсот на банката „Силикон валеј“ (СВБ) и итното спасување на „Кредит Суис“ (Credit Suisse) минатиот викенд ги потресоа инвеститорите и отворија прашања за пошироката стабилност на финансиската индустрија во време на зголемени каматни стапки и висока инфлација.
„Постигнавме многу во последните десет години, особено во Европската Унија и во однос на капитализацијата на банките. Ситуацијата со адекватноста на капиталот сега е поинаква. Значи, ние сме подготвени ако нешто доаѓа, но мислиме дека ситуацијата сега е поинаква од 2008 година“, рече шефот на германската централна банка, кој исто така е член на Управниот совет на Европската централна банка.
Нагел зборуваше токму во моментот кога акциите на „Дојче банк“ (Deutsche Bank AG) беа во центарот на уште една распродажба. Тој одби да коментира за која било поединечна банка. Зборувајќи пошироко за пазарите, тој го призна општото чувство на нелагодност.
„Кога ќе се случи вакво нешто, финансиските пазари се многу неизвесни и во неделите потоа може да има многу турбуленции. Значи, не сум изненаден што сега пазарите се малку понестабилни отколку пред две недели“, рече тој.