Македонските компании ќе можат побрзо и полесно да аплицираат за осигурување на побарувањата преку новата платформа Е-осигурување која ја имплементира Развојната банка со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ.
Оваа иницијатива е повеќе од технолошка надградба на Развојна банка - таа е јасен чекор напред во зајакнувањето на конкурентноста на македонските компании, рече на презентацијата на платформата Михал Харари, заменик шефица на мисија од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.
„Платформата ја интегрира глобалната експертиза со локалните потреби. Со дигитализирање на процесите за осигурување на извозот, Банката им обезбедува на компаниите да ги поедностават административните процедури да ја подобрат безбедноста и контролата. Платформата ќе овозможи драстично намалување на оптекот и мануелното внесување на податоци од документи во хартиена форма, а со тоа ќе се намали можноста за било какви грешки и системски ќе се формализира и олесни комуникацијата со банката. Бизнисите имаат побрз побезбеден и поефикасен пристап до извозните пазари и услови за користење на други финансиски инструменти. Ова не се апстрактни придобивки, тие се практични алатки што помагаат на бизнисите да растат, да влезат на нови пазари и да останат отпорни во време на предизвици“, изјави Харари.
Михал Харари, заменик шефица на мисија од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија/ИМЕ
Во услови на геополитичка неизвесност растат и ризиците за извозните компании што ја зголемува и потребата за осигурување на побарувања. Лани биле реализирани 86.000 фактури од кои 65 отсто се однесувале на извоз кон купувачи на македонски производи во 38 земји што е зголемување за десетина земји во однос на претходниот период. Сега се поддржуваат продажби на производи и воземји како Маурициус, Мексико и од неодамна на листата е и Перу.
Оттука, оваа алатка е значајна затоа што преку неа, компаниите многу поедноставно ќе можат да ги обезбедат своите побарувања во време кога одложеното плаќање станува се почесто.
Ефимија Димовска, главна извршна директорка на Развојната банка на Македонија/ИМЕ
„Искуството покажува дека овој продукт е препознаен од македонските компании затоа што помага за надминување на одредени проблеми со кои се соочуваат и има позитивни ефекти во нивното работење. Само за илустрација, во изминатите години имаме подржано над 800 клиенти со над 6.000 купувачи во вкупен износ на осигурено побарување од 1,4 милијарди евра. Со оглед на тоа дека расте интересот за овој продукт, неопходно беше да се направат промени со цел да овозможиме оваа услуга на побрз и поефикасен начин да стигне до нашите клиенти. Благодарение на швајцарската влада и проектот ИМЕ создадовме дигитална платформа која го унапредува процесот на аплицирање и обработка на податоците“, изјави Ефимија Димовска, главна извршна директорка на Развојната банка на Македонија.
ИМЕ
Побарувањата се значителна ставка во активите на македонските компании, а овој инструмент ќе овозможи поедноставно управување со нив. Покрај тоа, новата платформа ќе ги охрабри компаниите повеќе да го користат осигурувањето на побарувањата затоа што целиот процес на одобрување ќе биде побрз што ќе ги направи поконкурентни.
Искуството од работата со овој инструмент покажува дека компаниите најчесто го користеле само кога имаат неопходна потреба, само на најризичните пазари. Сега им се дава поттик пошироко да го осигуруваат портфолиото, а тоа ослободува ликвидност и за користење на други финансиски инструменти што значи дека ефектите се мултиплицираат.