Македонија доминантно користи фосилни горива во производството на електрична енергија и покрај потенцијалот во обновливите извори на енергија.
Меѓутоа, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, вели дека земјава бележи напредок во тој поглед.
„Минатата година е рекордна во независна Македонија, изградени се нови 152 мегавата обновливи извори, од кои најголем дел, 106-107 мегавати, се фотоволтаици, 36 мегавати се една ветерна електроцентрала, 7,5 мегавати се нови мали хидроцентрали и 2,5 мегавати се биогасни електроцентрали. Радува фактот што најголем дел од овие фотоволтаици се поставува на покривите на компаниите и на тој начин овие фирми си ги намалуваат трошоците за електрична енергија. На овој начин трговскиот дефицит на нашата држава ќе се подобрува, имајќи предвид дека се обезбедува струја од наше, домашно производство“, посочи Бислимовски.
Како што нагласи претседателот на РКЕ, трендот на инвестиции во фотоволтаици продолжува и во 2023-та, а очекувањата се дека ќе има нови 250-300 мегавати изградени фотоволтаични панели.