Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на палета хигиенски производи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, истакна Бектеши по посетата на маркет во скопската населба Тафталиџе, заедно со премиерот Димитар Ковачевски и со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
За овошјето и зеленчукот, Бектеши рече дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.
„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на неделава. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците, за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, нагласи Бектеши.