Во маркетите има толку овошје и зеленчук колку што ќе ни достават доставувачите, реагираат од големите синџири маркети по вчерашната најава на министерот за економија Крешник Бектеши дека некои од нив ќе бидат казнети.
Од Стопанската комора на Македонија, во име на големите трговски брендови, велат дека и покрај сите напори од нив, нарачки и контакти со доставувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количества овошје и зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат.
„Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и за да ги исполнат одлуките на Владата, не се во можност да продаваат производи доколку доставувачот не им ги дистрибуира. Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки што ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството“, се вели во соопштението.
Прочитај повеќе
Цените на дел од овошјето и зеленчукот ќе останат замрзнати уште еден месец
Владата го продолжи рокот на одлуката, така што цените остануваат замрзнати до крајот на мај.
28.04.2023
Се зголемуваат замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето
Владата денеска донесе одлука со која се коригираат некои од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.
11.04.2023
ДПИ во контроли на увозниците на овошје и зеленчук
Се контролираат производите по одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.
08.04.2023
Од среда поевтинува дел од овошјето и зеленчукот
Според владината одлука, замрзнатите цени ќе се применуваат и на зелените пазари од 5 до 30 април.
03.04.2023
Пазарниот инспекторат во изминатите неколку дена изврши контроли во повеќе маркети и изрече прекршочни казни. Казните се изречени затоа што во маркетите немало доволни количества или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, а трговците се должни да продаваат одредени количества овошје и зеленчук според владината одлука и по цените што ги утврди Владата.
„Претставниците на домашните синџири на маркети трговци со прехранбени производи на мало ја поздравија владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврската на трговците да набавуваат и да им продаваат на потрошувачите определени видови и количества од одделни стоки, истакнувајќи дека, со заеднички напори на Владата на РСМ и на Министерството за економија, учествуваат во примената на мерките за намалување на енергетската криза и за ублажување на порастот на цените“, соопшти Комората.