Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го предложи проф. д-р Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка, потврдија вечерва од Кабинетот на претседателот, пренесе МИА.
Славески, кој е актуелен претседавач на Советот на град Скопје, е универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии.
Претседателката својот предлог веќе го достави до Собранието, кое новиот гувернер на Народната банка треба да го избере на пленарна седница со просто мнозинство.
„При донесувањето на одлуката, претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, велат од Кабинетот на претседателот.
Од Собраниската прес-служба потврдуваат дека предлогот е доставен до пријавницата во Собранието.
Сиљановска Давкова претходно за медиумите најави дека предлогот ќе го достави денеска пред да замине за Италија.
„Додека сте на функција треба да заборавите на партиски влијанија и да се водите од предизвикот на професијата. Според законот, функцијата е инкопатибилна со партиско членство. Ние сме имале извонреден гувернер, Петар Гошев, кој беше претседател на партија, значи немало пробем“, рече претседателката на новинарско прашање дали при изборот внимавала на законот, а со оглед на тоа што некои од кандидатите имаат врска со партиите.
Трајко Славески беше меѓу тројцата најсериозни кандидати кои се спомнуваа, покрај актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
Мандатот на Ангеловска-Бежоска истекува утре. Таа стапи на функцијата на 22 мај 2018 година.
Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).