text size
Пазарот на труд во Велика Британија продолжи да слабее минатиот месец, додека инфлаторните притисоци пораснаа поради повисоките трошоци за енергија. Во еврозоната деловната активност на приватниот сектор благо порасна, иако показателот за француската економија укажа на уште подлабоко намалување на активноста. Економскиот раст на Јапонија разочара, со пад на капиталните инвестиции.
Во меѓувреме, американскиот јавен долг првпат надмина 40 билиони долари, додека отсуството на одлучна реакција на законодавците на големиот фискален дефицит делумно го објаснува неодамнешниот раст на приносите на американските државни обврзници.
Во продолжение се графиконите на „Блумберг“ за најновите движења во светската економија, на пазарите и во геополитиката.
Европа
Bloomberg
Британските работодавачи го намалија бројот на вработени во јули, додека бројот на слободни работни места падна на нов петгодишен минимум, бидејќи побарувачката за работници остана слаба поради зголемената неизвесност предизвикана од настаните во земјата и во странство. Бројот на слободни работни места во периодот од мај до јули дополнително падна на 707.000, што е најниско ниво од 2021 година.
Bloomberg
Инфлацијата во Велика Британија забрза во јули по силниот раст на сметките за енергија, со што заврши краткиот период на издишка за британските домаќинства кои веќе се под голем финансиски притисок. Потрошувачките цени пораснаа за 2,9 отсто во однос на истиот период минатата година, откако инфлацијата во јуни изнесуваше 2,6 отсто, што беше најниско ниво во последните 15 месеци. Скокот главно е последица на зголемувањето на ограничувањето на цените на енергијата за домаќинствата (анг. price cap) за 13 отсто. Инфлацијата во услужниот сектор, која Банката на Англија ја следи како показател за домашните ценовни притисоци, забави од 3,6 на 3,4 отсто, првенствено благодарение на падот на цените на авионските билети.
Bloomberg
Активноста на приватниот сектор во еврозоната неочекувано благо се подобри во август, благодарение на најсилниот раст на преработувачката индустрија во повеќе од четири години. Сепак, двете најголеми економии во блокот не успеаја да постигнат резултати во согласност со очекувањата. Додека Германија остана цврсто во зоната на раст, падот на деловната активност во Франција дополнително се продлабочи.
Bloomberg
Централната банка на Шведска ги задржа трошоците за задолжување непроменети дванаесетти месец по ред и повтори дека е подготвена годинава да ја заостри монетарната политика доколку војната со Иран го поттикне растот на инфлацијата. „Риксбанк“ (Riksbank) во четвртокот ја задржа основната каматна стапка на 1,75 отсто, што е најниско ниво во Европската унија.
САД
Bloomberg
Вкупниот американски јавен долг првпат надмина 40 билиони долари, што значи дека за помалку од пет години пораснал за една третина. Изгледа дека американските законодавци сè уште не се подготвени посериозно да се справат со рекордните фискални дефицити.
Оваа вест беше објавена во средата, неколку часа откако министерот за финансии Скот Бесент повторно се обиде да ги ограничи долгорочните трошоци за задолжување, кои достигнаа повеќегодишни максимуми и претставуваат значаен фактор за растот на долгот. Министерството за финансии соопшти дека ја зголемува програмата за откуп на подолгорочни државни обврзници, по што приносите паднаа.
Bloomberg
Изградбата на нови станбени објекти во САД се намали во јули, бидејќи започнатата изградба на семејни куќи падна на најниско ниво од 2022 година. Очигледно е дека пазарот тешко успева да ги следи високите хипотекарни стапки и високите цени на недвижностите.
Азија
Bloomberg
Економскиот раст на Јапонија неочекувано забави во вториот квартал, што би можело да ги усложни плановите на Банката на Јапонија за ново зголемување на каматните стапки.
Bloomberg
Буџетските барања во Јапонија за следната година би можеле да достигнат рекордно ниво, иако тие бројки би можеле да го надуваат вистинскиот обем на фискалната експанзија. Премиерката Санае Такаичи сака поголем дел од планираната потрошувачка да го вклучи веќе во основниот буџет, наместо во текот на годината да се потпира на дополнителни буџети.
Bloomberg
Кина, од друга страна, ги засилува мерките за поттикнување на потрошувачката и задолжувањето на компаниите користејќи фискални средства. Новите мерки треба да бидат воведени до крајот на годината, во момент кога економскиот раст паѓа под годишната цел на владата.
Пазари во развој
Bloomberg
Претседателот Хавиер Милеи успеа да ја намали инфлацијата и сиромаштијата во Аргентина и да го елиминира буџетскиот дефицит. Сепак, пазарот на труд и понатаму е во криза. Втора година по ред јужноамериканската економија расте, но вработеноста во формалниот сектор - односно меѓу работниците кои имаат официјална плата, социјални права и здравствено осигурување - упорно опаѓа.
Bloomberg
Економската активност во Бразил падна во јуни повеќе од очекуваното, што дополнително укажува дека повеќемесечната исклучително рестриктивна монетарна политика ја лади побарувачката, но и ги засилува аргументите за ново намалување на каматите во септември.
Светот
Bloomberg
Долгорочните обврзници се најдоа под силен притисок, бидејќи инвеститорите се загрижени поради инфлацијата, растот на јавниот долг и огромните инвестиции во вештачката интелигенција. Последица се сè повисоките трошоци за задолжување на државите ширум светот.
Приносите на триесетгодишните американски државни обврзници оваа недела достигнаа највисоко ниво од 2007 година, додека трошоците за задолжување на Франција се највисоки од 2008 година, а на Германија од 2011 година.
Bloomberg
Централните банки, истовремено, главно беа претпазливи. Покрај Шведска, Индонезија, Уругвај и Египет ги задржаа каматните стапки непроменети, додека Исланд ги зголеми третпат оваа година.