Акциите на производителите на чипови поголемиот дел од годината го туркаа пазарот нагоре. Сега резултатите на компанијата „Енвидија“ (Nvidia) имаат шанса или да го потврдат продолжувањето на тој раст или дополнително да ја зголемат загриженоста на инвеститорите.
Лидерот во областа на полупроводници за вештачка интелигенција (ВИ) ќе ги објави резултатите по затворањето на пазарот в среда. Волстрит очекува уште еден во низата силни извештаи од производителот на чипови, додека технолошките гиганти продолжуваат да вложуваат огромни суми пари во изградба на ВИ инфраструктура. Затоа инвеститорите внимателно ќе бараат сигнали за тоа какви се изгледите за понатамошен раст.
„Резултатите или прогнозите на 'Енвидија', како и коментарите за време на конференцискиот повик, можат да им дадат на инвеститорите повеќе доверба дека овој ВИ инвестициски циклус ќе продолжи не само во еден квартал или во 2026, туку и во 2027, 2028 година и понатаму“, рече Џоан Фини, портфолио менаџерка во „Адвајзорс Капитал“ (Advisors Capital). „Тоа би било смирувачко за пазарот“, додаде таа.
Прочитај повеќе
Нови кралеви на технолошкиот сектор: Зошто акциите на производителите на роботи дивеат?
Додека глобалната технолошка трка се сели од програмскиот код директно во материјалниот свет, подемот на „физичката вештачка интелигенција“ и роботиката отвора сосема ново поглавје во премостувањето на јазот меѓу дигиталната иновација и реалниот капитал.
15.05.2026
„Алфабет“ сѐ поблиску до “Енвидија“ во трката за најголема компанија во светот
Разликата во вредноста меѓу нив две значително се намали во последниве шест месеци.
11.05.2026
Силната конкуренција на „Енвидија“ ги плаши инвеститорите
Големите технолошки компании агресивно развиваат сопствени ВИ-чипови, отворајќи сомнежи за долгорочниот раст на „Енвидија“.
06.05.2026
Шји по средбите со Трамп: Постигнавме голем напредок
Шји Џјинпинг и Доналд Трамп најавија „нова ера“ во односите меѓу Кина и САД. Зад насмевките и раскошниот пречек, сепак, остануваат тензии околу Тајван, трговијата и Иран.
15.05.2026
Од друга страна, разочарувачки резултати би можеле да ги потврдат стравувањата на инвеститорите дека секторот премногу пораснал. ФСИ (Philadelphia Semiconductor Index) порасна 60 отсто оваа година, но падна 6,4 отсто во петокот и понеделник поради загриженост околу инфлацијата. Акциите на „Енвидија“ пораснаа 18 отсто од почетокот на 2026 и 34 отсто од најниското ниво кон крајот на март, но изгубија 6,4 отсто во последните три трговски сесии. Сепак, тие сè уште го надминуваат технолошкиот индекс Nasdaq 100, кој оваа година порасна 14 отсто.
„'Енвидија', за жал, создаде очекување дека секој квартал ќе ги надминува прогнозите и ќе ги зголемува очекувањата. Ако тоа не се случи, пазарот ќе биде разочаран“, посочува Фини.
И покрај релативно послабиот учинок во 2026, „Енвидија“ останува најголемата компанија на пазарот и е одговорна за речиси петтина од вкупниот раст на индексот S&P 500 од 7,4 отсто оваа година. Уште четири производители на чипови - „Микрон“ (Micron Technology), „Бродком“ (Broadcom), АМД (Advanced Micro Devices) и „Интел“ (Intel) - се меѓу седумте најголеми поединечни двигатели на растот на S&P 500 во 2026, што е ретко видено ниво на доминација за оваа циклична индустрија.
Инвеститорите имаат многу причини за оптимизам во економија преплавена со инвестиции во вештачка интелигенција. Четирите најголеми инвеститори - „Амазон“ (Amazon), „Акфабет“ (Alphabet), „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Мета“ (Meta Platforms) - годинава планираат капитални инвестиции до 725 милијарди долари, со уште поголеми вложувања во 2027. Чиповите сочинуваат голем дел од тие трошоци, а „Енвидија“ и понатаму има доминантен пазарен удел во ВИ акцелераторите.
Растот доаѓа толку брзо што акцијата почнува да изгледа евтино. Консензус проценките за нето профитот на „Енвидија“ во фискалната 2027, која завршува во јануари, пораснаа 13 отсто во последните три месеци, додека проценките за приходи се зголемени 12 отсто, покажуваат податоците на „Блумберг“. Како резултат на растот на очекувањата, акциите сега се тргуваат по множител помал од 24 пати од очекуваната заработка, значително под десетгодишниот просек од околу 36.
„Вреднувањето е секундарно во однос на фундаменталната приказна за раст, која останува главен двигател, но проценките не се на ниво што предизвикува непријатност“, рече Џефри Блажек. Според него, вреднувањето на „Енвидија“ „дава чувство на сигурност дека не сме во балон во однос на профит или парични текови“.
Bloomberg
Оваа сезона на објави на резултати ја одбележаа низа исклучително силни извештаи од производителите на чипови. „Интел“, АМД, „Тексас инструментс“ (Texas Instruments), НХП (NXP Semiconductors NV) и СМТ (Silicon Motion Technology) забележаа двоцифрени скокови на акциите по објавата на резултатите. Досега 93 отсто од производителите на чипови ги надминаа очекувањата на аналитичарите, со просечно позитивно изненадување од речиси 25 отсто, во споредба со 6,6 отсот во претходниот квартал, според податоците на „Блумберг“.
Сепак, без разлика какви резултати ќе објави „Енвидија“, можеби ќе биде тешко акцијата да направи сличен скок. Пред сè, компанијата е многу поголема од конкуренцијата, па инвеститорите треба да бидат значително поентузијастични за цената да се помести силно. Исто така, „Енвидија“ се соочува со растечка конкуренција од ривали како АМД, додека големите клиенти како „Алфабет“ и „Амазон“ сè подобро ги развиваат сопствените чипови.
Тоа делумно објаснува зошто „Енвидија“ веќе не е најуспешната акција на пазарот. Таа титула сега ја носат компании што произведуваат мемориски чипови и уреди за складирање, како „Сандиск“ (Sandisk), „Сигејт“ (Seagate Technology Holdings) и „Микрон“.
„Верувале или не, оваа приказна сега делува помалку атрактивно и помалку возбудливо од некои други кои се на пазарот“, рече Томас Мартин, виш портфолио менаџер во „Глобал инвестментс“, додавајќи дека, притоа, „станува збор за гигантска компанија“.
Иако сè уште се очекува силен раст, прогнозите укажуваат на забавување во наредните години, што дополнително би можело да го ограничи растот на акцијата. Се очекува „Енвидија“ да оствари раст на приходите од околу 72 отсто во фискалната 2027 и 34 отсто во 2028 година, со понатамошно забавување потоа.
„Приказната сега е повеќе насочена кон тоа колку долго растот може да трае, а не толку кон еден квартал“, рече Невил Џевери, портфолио менаџер и шеф на Empiric LT Equity тимот во АГИ (Allspring Global Investments), кој исто така поседува акции на „Енвидија“. Додаде дека внимателно ќе ги следи сите детали за продажбата на „блеквел“ (Blackwell) чиповите и идната побарувачка за новата „рубин“ (Rubin) линија на производи.
Bloomberg
Секако, дури и силен извештај не гарантира раст на акциите на „Енвидија“. Акциите паднаа ден по објавата на последните три квартални резултати, и покрај добрите бројки. Пазарот на опции очекува движење на акцијата од 5,5 отсто во било кој правец по објавата на резултатите. Врз основа на просечната целна цена на аналитичарите, Волстрит очекува раст на акцијата од 26 отсто во следните 12 месеци.
„Ако 'Енвидија' може да покаже дека нејзините најнови чипови имаат многу силна побарувачка и дека потенцијалниот пазар е поголем отколку што инвеститорите мислат, бидејќи растот ќе трае подолго - тоа значително ќе ја зголеми довербата на инвеститорите во компаниите што го водат ВИ инвестицискиот бран“, наведува Фини од „Адвајзорс Капитал“.