text size
Стравувањата со месеци повремено го демнеа Волстрит. Потоа, одеднаш, сите побрзаа кон излезoт.
Распродажбата на берзата во четвртокот, која започна набргу по отворањето на Њујоршката берза, се влошуваше како што одминуваше денот, повлекувајќи надолу сè, од големите производители на чипови, како „Енвидија“ (Nvidia Corp.), до дефанзивните алтернативи, како „Волмарт“ (Walmart Inc).
Но најтешко беа погодени компаниите во срцето на бумот на вештачката интелигенција, кој претходно оваа година ја насочи берзата од еден рекордно висок резултат кон друг - и поттикна загриженост дека станува збор за балон кој е пред пукање.
Сè што беше потребно за тие компании да почнат да паѓаат во четвртокот беше можноста дека убедливата победа на демократите на конгресните избори може да најави политичка промена што ќе ја забави вртоглавата експанзија на индустријата и стотиците милијарди долари што се вложуваат во компјутерската опрема што ја напојува.
До затворањето на берзанската сесија, индексот Nasdaq 100 беше во пад од над 6 отсто, што претставуваше негов најголем пад од периодот на најинтензивниот колапс предизвикан од ковид-19 во март 2020 година.
Општ пад
Сите 11 сектори во индексот S&P 500 бележат пад
Bloomberg
„Енвидија“, највредната компанија во светот, падна за над 9 отсто, забележувајќи го својот најголем пад од јануари 2025 година и бришејќи ги сите добивки остварени од почетокот на оваа година. Сите 30 компании во индексот Dow Jones Industrial Average забележаа пад, индексот S&P 500 изгуби 4,4 отсто, а внимателно следениот индекс на акциите на полупроводници падна за 12 отсто, што претставува негов најлош ден од почетокот на пандемијата. Додека се ширеа шпекулациите дека хеџ-фондовите ги продаваат своите позиции, еден ЕТФ, кој вложува во таканаречени „momentum“ инвестиции, имаше еден од најлошите денови во последната деценија, а инвеститорите побрзаа кон американските државни обврзници барајќи сигурно засолниште.
„Имам дежавуа од 2008 или 2001 година“, рече Грег Тејлор, главен инвестициски директор во ПФ (PenderFund Capital Management), осврнувајќи се на колапсот на интернет-балонот и балонот на пазарот на недвижности. „Сè е толку многу фокусирано на една тема и на повлекувањето од таа тема. Мислам дека ова беше нешто што мораше да се случи, бидејќи имаме преголем фокус на вештачката интелигенција и таа стана премногу голем дел од пазарот.“
Распродажбата стави крај на два вртоглави дена на Волстрит, откако гласачите упатија остар укор кон претседателот Доналд Трамп и неговата Републиканска партија, поттикнати од гневот поради високите цени на горивата и загриженоста за влијанието на вештачката интелигенција и центрите за податоци на места како Тексас, кои никнуваат за да ја обезбедат потребната компјутерска моќ.
Првичната реакција доведе до раст на акциите во средата, при што инвеститорите се обложуваа дека политички поделен Вашингтон ќе претставува ограничување на моќта на Трамп и ќе го забрза крајот на војната во Иран, која повторно ја разгоре инфлацијата и ги зголеми каматните стапки.
Но, инвеститорите што купуваа акции по пониски цени беа изгорени кога моментумот се сврте во спротивна насока и фокусот се префрли на потенцијалните пукнатини во бумот на вештачката интелигенција, кој има несразмерно голема улога во економијата.
„Избрзаа со својата реакција“, вели Мајкл О’Рурк, главен пазарен стратег во ЏТ (JonesTrading Institutional Services LLC). „Имате прогнози за добивката за следната година што прават овие акции да изгледаат како да имаат ниски коефициенти цена-добивка (P/E). Но, ако доаѓа до промена на политиките, тоа претставува структурна промена во условите под кои ќе се градат центрите за податоци. Прогнозите веќе не се валидни.“
Со малку можности за засолниште на пазарот на акции, трговците повторно се свртеа кон сигурноста на американските државни обврзници. Во четвртокот, цените на американските државни обврзници нагло пораснаа, што доведе до пад на приносите кај сите рокови на достасување за дури 12 базични поени, на најниските нивоа од почетокот на септември, при што обемот на тргување со фјучерси беше околу 40 отсто над просекот за последните 20 дена. Американскиот државен долг сега е речиси на нула во однос на вкупниот резултат за целата година, закрепнувајќи од загуба што достигна дури 2,8 отсто, според индексот Bloomberg US Treasury Index.
Подолу се прикажани пет графикони што го покажуваат обемот на превирањата на берзата во четвртокот:
Индексот Nasdaq 100 падна уште подлабоко во корективна фаза, бришејќи 2,3 билиона долари од пазарната вредност и оставајќи го речиси 15 отсто под рекордното ниво од 6 октомври.
Пад на пазарната капитализација
Технолошкиот репер доживеа најголем пад на вредноста досега
Bloomberg
За првпат од крајот на јули, трговците плаќаат повеќе за заштита од краткорочни осцилации кај берзанскиот фонд Invesco QQQ Trust Series 1 (QQQ), отколку за заштита од долгорочни осцилации во однос на фондот SPDR S&P 500 ETF Trust, или SPY, во следните три месеци - што е знак на неизвесност околу насоката во која ќе се движат акциите.
„Како некој што ги сака распродажбите, сега сум малку повнимателна“, рече Марта Нортон, главна инвестициска аналитичарка во „Емпауер“ (Empower). Таа рече дека се придржува само до „компании кои се исклучително здрави и изгледаат евтино според многу традиционални показатели“.
MTUM е инвестициски фонд што вложува во акции на американски компании кои бележат најголем раст на берзата. Тој го забележа најголемиот еднодневен пад од март 2020 година.
Bloomberg
Брзиот пресврт наназад тешко го погоди берзанскиот фонд што применува стратегија на тргување заснована на моментум, односно купување акции на компаниите што бележат најголеми добивки на пазарот. Таквата стратегија може да стане болна во денови како четвртокот, кога тактиката се покажа како контрапродуктивна, предизвикувајќи пад на берзанскиот фонд iShares MSCI USA Momentum Factor ETF од 8,2 отсто, неговиот најлош ден од 2020 година.
Мајкл Монаган, партнер и портфолио-менаџер во „Фаундер“ (Founder ETFs), рече дека многу помали хеџ-фондови, или таканаречени „pod shops“, кои често следат слични стратегии, го засилуваат притисокот од продажбата бидејќи се принудени да ги затвораат своите позиции, додека другите купувачи се претпазливи и не сакаат да влезат на пазарот.
„Она што го имаме е комбинација од штрајк на купувачите, при што големите фондови што инвестираат исклучиво во долги позиции и претходно купуваа по малку од одредени акции, повеќе не го прават тоа, додека ‘pod shops’ ги затвораат сите свои позиции“, рече тој.
Акциите на компаниите за чипови паднаа за речиси 40 отсто во однос на јунскиот врв
Bloomberg
Индексот Philadelphia Semiconductor Index (SOX), во кој се наоѓаат водечките производители на чипови, како „Енвидија“, „Интел“ и АМД (Advanced Micro Devices Inc.), падна за 12 отсто, забележувајќи го својот најлош ден од март 2020 година. Со тоа, овој референтен индекс влезе во мечкин пазар, со пад од повеќе од 38 отсто во однос на својот врв од 22 јуни.
Овие компании, кои имаат корист од трошењето на средства за опрема за вештачка интелигенција, се меѓу најизложените на потенцијално намалување на инвестициите, со оглед на тоа колку високи се нивните пазарни вреднувања.
Сигналот за претпазливост се засилува
Кривата на VIX почнува да инвертира во услови на распродажба на акциите
Bloomberg
Индексот на нестабилност Cboe, или VIX, кој ги мери очекуваните ценовни осцилации кај индексот S&P 500, скокна за 11,57 поени и се затвори на 28,18, што е највисоко ниво од март. Показателот за очекуваната нестабилност на самиот VIX го забележа најголемиот еднодневен раст во поени од 2018 година, кога приливот на шпекулативни инвестиции во производи поврзани со кратки позиции на VIX предизвика нагло зголемување на нестабилноста, познато како „Волмагедон“.
Покрај тоа, разликата меѓу моменталната цена и нивото на тримесечните фјучерси се зголеми на највисоко ниво од април 2025 година. Тоа вообичаено е сигнал за зголемен страв кај инвеститорите и најава за подлабоки падови.
Падот го засили притисокот врз акциите што се сметаат за едни од најризичните на пазарот. Кошничката на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) со компании со најголем број отворени кратки позиции падна за речиси 8 отсто. Во меѓувреме, кошничката на технолошки компании што не остваруваат добивка, меѓу кои се и компании како „Року“ (Roku Inc.) и „Пелотон“ (Peloton Interactive Inc.), падна за 7,7отсто - што претставува нејзин најлош ден од почетокот на јуни.
Одбивност кон ризикот
Акциите со најголем обем на „кратки“ позиции, технолошките компании што излегоа на берза (ИПО) и непрофитабилните технолошки компании доживеаја пад.
Bloomberg
Компаниите со најнестабилни биланси и повисоки нивоа на задолженост паднаа за околу 4 отсто, што е нивна најлоша берзанска сесија од април 2025 година, според податоците собрани од „Голдман Сакс“ и „Блумберг“.
Индексот Russell 2000, кој ги вклучува помалите компании што често се оптоварени со повисоки трошоци за камати, падна за околу 4,5 отсто, со што влезе во корективна фаза.
Ерик Дитон, претседател и извршен директор на ВА (The Wealth Alliance), која веќе ја намалуваше својата изложеност на акциите поврзани со вештачката интелигенција, рече дека противењето на изградбата на центрите за податоци може да има влијание врз добивките на компаниите. Тој рече дека зазема претпазлив став, со оглед на острата промена во расположението на пазарот, и дека купува акции од енергетски компании како заштита од зголемените цени на нафтата.
„Оваа распродажба е екстремна“, рече тој.