Пазарите на капитал низ светот забележаа пад, предводен од силната распродажба на акциите на производителите на полупроводници, што повторно ги разгоре стравувањата дека годинашното силно рели на компаниите поврзани со вештачката интелигенција можеби било пребрзо и претерано. Најсилен удар претрпе јужнокорејскиот пазар, каде што индексот Kospi, во кој доминираат компании што се дел од синџирот за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција, во еден момент потона за дури 8,3 проценти, додека глобалниот индекс MSCI All Country World ослабе за 0,3 проценти.
Негативното расположение дополнително го поттикнаа информациите дека компанијата „Мета“ размислува за развој на бизнис за инфраструктура во облак, што кај инвеститорите предизвика сомнежи дека технолошкиот гигант можеби изградил поголеми капацитети отколку што му се потребни. Истовремено, извештаите дека „Епл“ води разговори за набавка на чипови од два кинески производитела создадоа дополнителен притисок врз азиските производители на полупроводници.
„Акциите поврзани со вештачката интелигенција пораснаа многу, а очекувањата се високи. Затоа периодично гледаме распродажби и секоја негативна вест предизвикува инвеститорите да ја реализираат добивката“, изјави Џошуа Краб, директор за акции во азиско-пацифичкиот регион во „Робеко“ (Robeco).
Прочитај повеќе
Закерберг ја претвора ВИ инфраструктурата во нов бизнис
„Мета“ подготвува огромен пресврт: влегува во системот за технологии во облак и директно им конкурира на „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Гугл“.
пред 18 часа
Компјутерската моќ станува нова стока, Хрватска веќе инвестира 50 милијарди
Додека Волстрит зборува за фјучерс-договори за ГПУ капацитети, Хрватска веќе гради ВИ дата-центар од 50 милијарди евра, проект што е речиси на ниво на половина од БДП на земјата.
21.06.2026
Поскапуваат уредите на „Епл“
„Епл“ (Apple Inc.) презеде екстремна мерка со зголемување на цените на мек уредите, ајпед уредите и домашните уреди, обидувајќи се да ги надомести трошоците предизвикани од невидена криза со недостиг на мемориски чипови и складишта.
25.06.2026
Падот најсилно ги погоди јужнокорејските производители на чипови, при што акциите на „СК Хајникс“ (SK Hynix) изгубија 14 проценти од вредноста, додека јапонската „Киоксија“ (Kioxia Holdings) потона за 13 проценти. Фјучерсите на американските берзански индекси ги избришаа претходните добивки и преминаа во негативна територија, а европските берзи најавија умерено негативно отворање.
Покрај нестабилноста на пазарите на акции, цената на нафтата брент падна за 1,3 проценти, на 70,63 долари за барел, што е најниско ниво од крајот на февруари, односно пред почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Причина за тоа е зголемениот транспорт на нафта низ Ормускиот Теснец. Во исто време, златото втор ден по ред забележа раст и се тргуваше близу 4.070 долари за унца, додека американскиот долар остана стабилен.
Bloomberg
Инвеститорите, сепак, најдоа извесна утеха во пораките на претседателот на Федералните резерви (Фед), Кевин Ворш, и на други централни банкари, кои оценија дека инфлациските ризици во последните недели станале поизбалансирани. Неговите изјави ги намалија очекувањата за можно зголемување на каматните стапки уште во јули, а вниманието сега е насочено кон новиот извештај за вработеноста во САД, кој треба да даде појасна слика за идната монетарна политика.
„Неговите коментари не дадоа дополнителен поттик за шпекулациите околу јулско зголемување на каматните стапки и сугерираат дека новиот претседател на Фед во моментов не гледа причина за итна промена на политиката“, оцени Кришна Гуха од „Еверкор“ (Evercore).
Според процените на „Блумберг економикс“, американската економија и во јуни најверојатно ќе покаже силен раст на бројот на нови работни места, поттикнат особено од секторите туризам и угостителство поради Светското првенство, како и од засиленото вработување во јавниот сектор.
Аналитичарите предупредуваат дека случувањата во последните недели покажуваат колку е чувствителен пазарот на секоја информација поврзана со инвестициите во вештачката интелигенција. „Размислувањата на ’Мета’ да го продава својот ’вишок компјутерски капацитет’ сугерираат дека компанијата можеби се соочува со недоволна искористеност или преголеми инвестиции, што има негативни импликации за производителите на чипови во Јужна Кореја и Јапонија“, изјави Веј-Серн Линг од УБП (Union Bancaire Privée).
Најновата распродажба уште еднаш ја потврдува зголемената нервоза кај инвеститорите околу одржливоста на огромните капитални вложувања во инфраструктурата за вештачка интелигенција и сè погласните стравувања дека пазарот би можел да се соочи со вишок компјутерски капацитет, што ја прави досегашната еуфорија околу ВИ-секторот значително покревка.