Јапонските акции пораснаа, а индексот Nikkei оствари најголем месечен раст од 1990 година, поткрепен од силните заработки од домашни компании како што се „Хитачи“ (Hitachi Ltd.) и „Конами груп“ (Konami Group Corp.), кои следуваа по силните резултати од „Амазон“ (Amazon.com Inc.) и „Епл“ (Apple Inc.) во САД.
Само во рамките на денешното азиско тргување, индексот Topix порасна за 0,9 проценти, на 3.331,83 поени на затворањето на пазарот по токиско време, додека индексот Nikkei напредуваше за 2,1 отсто, на 52.411,34 поени.
Вредноста на јенот падна за повеќе од еден отсто во однос на американскиот долар откако Банката на Јапонија ги задржа каматните стапки непроменети и даде мали навестувања за следниот потег во рамките на монетарната политика.
„Индексот Nikkei сега се движи речиси како индексот за информатичка технологија и е воден од слични фактори како тие што влијаат на технолошките фирми“, рече Тецуо Сешимо, менаџер за портфолио во „Сезон асет менаџмент“ (Saison Asset Management). Јапонските акции исто така имаат корист од ставот дека трендот на слаб јен ќе продолжи поради неизвесноста околу намалувањето на каматните стапки во САД, паузирањето во Европа и претпазливоста на Јапонија, рече тој.
„Хитачи“ најмногу придонесе за растот на индексот Topix, зголемувајќи се за 7,2 проценти откако објави квартален приход што е подобар од очекуваниот, а главно поттикнат од бизнисот поврзан со вештачката интелигенција. Од 1.673 акции во индексот, 1.015 пораснаа, а 584 паднаа, додека 74 останаа непроменети.
„Солидниот ефект на компаниите поврзани со вештачка интелигенција, како што е ‘Амазон’, кои направија големи инвестиции, ги ублажува грижите на пазарот за прекумерни инвестиции“, рече Масахиро Ичикава, главен пазарен стратег во „Сумитомо мицуи асет менаџмент“ (Sumitomo Mitsui DS Asset Management).
„Домашните приходи на компаниите досега се многу пристојни, покажувајќи зголемени приходи и профити на квартална основа“, рече тој.
 
                
        
        
         
                 
                     
                 
                 
                             
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
         
                         
                        .png) 
                 
            