Пазари

Дубаи предупредува на ризици од регулаторни дупки во криптосветот

Извор: Suvashree Ghosh/Bloomberg

26 мај 2023, 10:32

Дубаи бара поинтензивна соработка меѓу регулаторите во светот за да се пополнат законските празнини

Земјата годинава планира ажурирање на правилата за криптотокените, кои таму се во сила од ноември

Регулаторите на глобално ниво се борат да најдат начини како да се справат со криптоиндустријата

Bloomberg Mercury

Финансискиот регулатор на Дубаи предупреди дека надзорниците треба да ги засилат меѓусебните разговори за да избегнат „лошите актери“ да ги искористат празнините во правилата за крипто, укажува официјален претставник.

„Управата за финансиски услуги во Дубаи за подоцна оваа година планира ажурирање на правилата за криптотокените, кои за деловниот центар во градот се во сила од ноември“, рече Елизабет Валас, помошник-директорка во регулаторното тело.

„Многу криптобизниси имаат тенденција да работат со значителен број активности во рамките на еден легислативен чадор и тоа навистина нè засега нас. Тие се низ целиот свет и како регулатори треба многу повеќе да разговараме едни со други во оваа област, бидејќи може да има повеќе законски празнини, а видовме многу лоши актери што се обидуваат да покријат некои од тие празнини“, рече Валас на виртуелната конференција во петокот.

Регулаторите на глобално ниво долго се борат да најдат начини како да се справат со криптоиндустријата. Јурисдикции како Хонгконг и Дубаи се обидуваат да привлечат инвестиции поврзани со крипто. Сингапур планира ограничување на учеството на малопродажните инвеститори. Американските регулатори, пак, ги притиснаа криптофирмите по колапсот со берзата за размена на дигитални средства, ФТХ (FTX) и длабоката пазарна криза минатата година.