Кревкото закрепнување на побарувачката и новите стравувања за снабдувањето повторно ги туркаат цените на какаото нагоре, што се заканува чоколадото подолго време да остане скапо.
Анкетата на „Блумберг“ меѓу девет трговци и аналитичари покажува дека преработката на какао во Европа, најголемиот светски потрошувач, во вториот квартал најверојатно се намалила за околу 1,5 отсто на годишно ниво, што би било најслаб резултат за овој период од 2020 година. Во Северна Америка исто така се очекува благ пад од околу еден процент.
За разлика од тоа, Азија продолжува да биде двигател на растот на побарувачката. Се очекува преработката на какао во регионот да порасне за девет проценти во споредба со истиот период лани, продолжувајќи го силното закрепнување од првиот квартал. Податоците за Европа, Северна Америка и Азија ќе бидат објавени в четврток.
Аналитичарите оценуваат дека нерамномерното закрепнување покажува оти дел од мерките што производителите на чоколада ги воведоа по минатогодишниот ценовен шок, како што се рецептури со помало количество какао, остануваат во примена и покрај тоа што цените се повлекоа од рекордните нивоа достигнати во 2024 година.

Според Ниша Кумари од ТГИГ (Tropical General Investments Group), закрепнувањето во Азија е поттикнато од растот на расположливиот доход, зголемената потрошувачка на чоколадо и инвестициите во кондиторската индустрија. Тоа се одрази и во резултатите на БК (Barry Callebaut), најголемиот светски преработувач на какао, кој пријави двоцифрен раст во Азија, Блискиот Исток и Африка. Сепак, компанијата предупреди дека глобалниот пазар на чоколадо и натаму останува „предизвикувачки“, а секторот покажува знаци на слабост.
Во меѓувреме, вниманието на пазарите повторно се насочува кон Западна Африка, регион од кој доаѓа повеќе од половина од светското производство на какао. Веќе има индикации дека производството во Брегот на Слоновата Коска, најголемиот светски производител, би можело да се намали за дури една петтина во сезоната 2026/2027.
Овие стравувања повторно ги поттикнаа цените на какаото. Иако терминските договори на берзата во Њујорк и натаму се под рекордите од 2024 година, тие пораснаа за околу 60 проценти откако минатиот месец беше прогласено враќањето на климатскиот феномен Ел Нињо.
„Силен Ел Нињо, кој веројатно негативно ќе влијае врз посевите, би можел да го забави закрепнувањето на побарувачката, бидејќи цените ќе останат високи подолг период“, изјави Владимир Зиентек, трговец во „Стоун екс“ (StoneX).
По наглиот раст од повеќе од 20 проценти минатата недела, цените на какаото во понеделникот паднаа за дури 10 проценти, бидејќи некои од инвеститорите ги реализираа своите добивки во пресрет на објавувањето на новите податоци за преработката на какаото. Дополнително, преработката во Брегот на Слоновата Коска во вториот квартал пораснала за 28 проценти на годишно ниво и достигнала 158.672 тони, покажуваат податоците на Здружението на извозници на кафе и какао во кои „Блумберг“ имал увид.