Иранската нуклеарна електрана Бушер утрово била погодена, според наводите на иранските медиуми. Новинската агенција „Тасним“ (Tasnim) известува дека проектил ја погодил оградата на електраната, при што од експлозијата и шрапнелите загинал еден член од персоналот, а предизвикана е и материјална штета на објектите.
Во извештајот се додава дека главните делови на електраната не се оштетени во нападот, пренесува „Тајмс оф Израел“ (Times of Israel).
Иранските власти соопштија дека во нападот е оштетена помошна зграда во рамки на комплексот на единствената оперативна нуклеарна електрана во земјата. Ова е четврти пат од почетокот на војната на 28 февруари, објектот во Бушер да биде цел на воздушни напади.
Со зголемувањето на интензитетот на конфликтот, генералниот директор на „Росатом“, Алексеј Лихачов, потврди дека руската државна корпорација спроведува „финална евакуација“ на своите вработени. Повеќе од 200 руски специјалисти ја напуштаат локацијата и се упатуваат кон Ерменија, додека околу 50 доброволци ќе останат на терен како минимален тим за одржување на основните функции на постројката и кампот, и покрај постојаната опасност.
Порталот „Нукеларна перспектива“ потсетува дека пред само една недела во Бушер имало околу 320 руски експерти, што значи дека присуството на клучниот персонал се сведува на апсолутен минимум неопходен за спречување на евентуална еколошка катастрофа.
Меѓународната агенција за атомска енергија повика на „максимална воздржаност“, оценувајќи дека нападот врз нуклеарни објекти претставува директно кршење на меѓународните конвенции за безбедност на нуклеарните постројки во услови на вооружен конфликт.