Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази незадоволство од тековниот тек на преговорите со Иран, но не се закани со нова воена акција во конфликтот кој трае веќе девет недели и кој предизвика глобална енергетска криза.
„Сакаат да постигнат договор, но не сум задоволен од него“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа во петокот. „Само што разговаравме со Иран. Ќе видиме што ќе се случи. Но би рекол дека не сум среќен.“
Трамп не изнесе повеќе детали за тоа кој од иранските претставници учествувал во најновите разговори, ниту прецизираше кога тие се одржале. Додаде дека е „постигнат одреден напредок, но дека не е сигурен дека преговорите на крај ќе доведат до договор“.
Прочитај повеќе
Иран достави нов предлог до САД, Ормускиот теснец останува затворен
Додека блокадата останува на сила и тензиите не попуштаат, Техеран и Вашингтон преку посредници се обидуваат да го извлечат кревкото примирје од застој и да го претворат во траен договор.
пред 20 часа
Трамп ветува дека ќе го задржи притисокот врз Иран преку поморската блокада
Вашингтон инсистира на поморска коалиција за Ормускиот теснец, а истовремено Иран предупредува дека притисокот ќе ги зголеми цените на нафтата и ќе ги закочи преговорите.
01.05.2026
ОАЕ се подготвуваат за свет по нафтата
ОПЕК со децении ја диктира цената на енергијата и ги направи ОАЕ исклучително богати. Зошто тогаш би го напуштиле и ризикувале да го разнишаат најпрофитабилниот картел во светот?
01.05.2026
Техеран му проследил на Вашингтон нов предлог преку Пакистан, кој минатиот месец посредуваше во првата рунда директни преговори, пренесе иранската државна новинска агенција ИРНА во петокот. Засега не е јасно дали изјавите на Трамп се однесуваа токму на тој предлог.
Белата куќа упати писмо до водечките членови на Конгресот во кое наведува дека поради примирјето кое е на сила, замрзнат е рокот од 60 дена, по кој, според Законот за воени овластувања, би било неопходно одобрување од Конгресот за продолжување на војната.
Во новиот предлог Техеран понуди да се разговара за неговите услови за отворање на Ормускиот теснец, но и понатаму бара САД да се обврзат дека ќе ги запрат нападите и ќе ја укинат блокадата, пренесе „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Запрашан кои се опциите на администрацијата, Трамп рече: „Дали сакаме едноставно целосно да ги уништиме и да завршиме со тоа засекогаш или сакаме да се обидеме да постигнеме договор?“ Додаде дека „од хумани причини би сакал да избегне“ нови удари.
Трамп ја пофали, како што рече, „неверојатната“ блокада на Ормускиот теснец и порача дека САД сè уште не се подготвени да ја завршат војната. „Теснецот е целосно затворен, беспрекорно функционира. Сто отсто е затворен“, рече тој.
Цените на нафтата паднаа во петокот откако оваа недела достигнаа нови максимуми. Цената на нафтата брент на крајот на тргувањето беше близу 108 долари по барел, додека цената на американската нафта ВТИ падна за околу три отсто и на крајот на тргувањето беше близу 102 долари. Трговците ги затвораа позициите, а прометот беше слаб бидејќи пазарот и понатаму е внимателен поради можните случувања за време на викендот.
Судбината на Ормускиот теснец, низ кој пред војната поминуваше околу петтина од светската нафта и течен природен гас, е главната пречка. И Иран и САД сигнализираа дека чекаат другата страна да направи прв чекор пред да се согласат да ги ублажат блокадите на поморскиот сообраќај.
Иранската државна новинска агенција ИРНА не изнесе повеќе детали за содржината на иранскиот предлог, вклучувајќи клучни прашања како Ормускиот теснец или нуклеарните активности на Иран.
Трамп изјави дека благодарение на блокадата на иранските пристаништа таа земја останува без потребните приходи од нафта, тврдејќи дека таквиот притисок ќе го принуди Техеран да се врати на преговарачката маса. САД исто така предупредија дека постои можност да воведат санкции за компании и држави кои би му плаќале на Иран надоместоци за безбеден премин низ Ормускиот теснец.
„Среќно со блокадата на земја со вакви граници“, порача на мрежата X претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф, алудирајќи на големината на Иран. Тој и други ирански официјални лица тврдат дека американската блокада, на чие укинување инсистираат за да продолжат преговорите и повторно да се отвори Ормускиот теснец, дополнително ги зголемува цените на нафтата.
Трамп повтори дека смета дека растот на цените на нафтата е привремен и оцени дека тоа оди во прилог на американскиот извоз на енергенти.
„Кога оваа војна ќе заврши, цените на горивото, нафтата и сè останато нагло ќе паднат“, рече Трамп. „Сега произведуваме повеќе нафта од кога било во историјата. Ако ги погледнете бродовите, сите одат кон Тексас, Луизијана и Алјаска.“
Иранскиот врховен водач Моџтаба Хаменеи во четвртокот ја доведе во прашање можноста за постигнување договор. Тој порача дека Иран нема да се откаже од своите нуклеарни и ракетни технологии и истовремено сигнализираше дека Техеран ќе ја задржи контролата над Ормускиот теснец.
„Имаат огромни проблеми да се усогласат меѓу себе“, рече Трамп во петокот, зборувајќи за иранското раководство. „Постојат две до три групи, можеби четири, и раководството е многу неусогласено.“
Некои од најновите случувања поврзани со војната:
Иран доцна во четвртокот ја активираше противвоздушната одбрана околу Техеран за дејствување против извидувачки дронови, иако не е јасно што ја предизвикало таа реакција.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во четвртокот се судри со членовите на Конгресот, додека демократите тврдат дека Пентагон ги потценува трошоците на конфликтот. Еден од нив оцени дека процената од 25 милијарди долари, изнесена оваа недела, претставува „веројатно помалку од половина, можеби дури и помалку од четвртина од вкупните трошоци за војната“.
Трамп го повика идниот ирачки премиер да го посети Вашингтон по формирањето на новата влада, додека САД настојуваат да го ограничат влијанието на Иран во таа арапска земја.
Во изминатите денови се појавија знаци на дополнителни притисоци врз иранската економија, вклучувајќи и тоа дека националната валута дополнително ослабела.
САД во меѓувреме се обидуваат да придобијат сојузници за формирање заеднички поморски сили кои би го обезбедувале Ормускиот теснец. Нов Зеланд соопшти дека го примил предлогот, но дека би ја поддржал коалицијата предводена од САД само доколку се воспостави одржливо примирје.