Извршниот директор на „Енвидија“ (Nvidia), Џенсен Хуанг, ја повика „Супер микро компјутер“ (Super Micro Computer Inc.) да ја заостри контролата на усогласеноста со прописите, откако Тајван неделава приведе три лица под сомнение дека давале лажни декларации за ВИ-сервери произведени од американскиот партнер на компанијата.
Ова е првата акција на островот против шверц на полупроводници, кој се засили откако САД воведоа ограничувања за извоз на напредни чипови, како ВИ-акцелераторите на „Енвидија“, кон Кина. „Енвидија“ е „многу строга“ кога станува збор за објаснување на правилата на сите свои партнери, изјави Хуанг пред новинарите по пристигнувањето во Тајпеј во саботата.
„На крајот, ‘Супер микро’ мора сам да управува со својата компанија“, рече Хуанг во врска со случајот во Тајван. „Се надевам дека ќе ја зајакнат и подобрат усогласеноста со прописите за вакви работи да не се повторуваат во иднина.“
Не е вообичаено Хуанг јавно да коментира за усогласеноста кај партнерите на неговата компанија, кои се клучни за производство и дистрибуција на серверите во кои се вградуваат чиповите на „Енвидија“. Тајвански суд во четвртокот го прифати барањето на обвинителството за притвор на трите лица вмешани во случајот.
„Супер микро“ не одговори веднаш на барањето за коментар надвор од редовното работно време.
„Супер микро“ составува ВИ-чипови од компании како „Енвидија“ во системи што се инсталираат во дата-центри и се користат за тренирање и извршување модели како Чет ГПТ на „Опен еј-ај“. Вашингтон го ограничи извозот на ваков хардвер кон Кина уште од 2022 година. Според локалното обвинителство, обвинетите наводно организирале купување сервери во Тајван и нивен извоз со лажна документација.
Серверите на „Супер микро“ се во фокусот и на најголемиот случај за шверц на чипови во САД, каде властите го уапсија коосновачот на компанијата под сомнение дека пренасочувал чипови на „Енвидија“ вредни милијарди долари кон Кина. Тој се изјасни дека не е виновен. Случајот одекна од Силициумската долина до Југоисточна Азија и е знак дека Вашингтон станува сè посериозен во борбата против шверцот на чипови, проблем чие постоење Хуанг претходно го негираше.
Според портпарол на тајванското обвинителство, случајот во Тајван бил покренат независно и не е директно поврзан со американското обвинение. Сепак, дали двата случаи се поврзани на некаков начин ќе бара дополнителна истрага, изјави портпаролот неделава.
Хуанг неодамна го придружуваше претседателот Доналд Трамп при посетата на Кина, најголемиот светски пазар за полупроводници.