Тајванските обвинители се сомневаат дека три лица успешно прошверцувале најмалку една пратка со чипови за ВИ на „Енвидија“ (Nvidia) во Кина, откако претходно ги извезле во Јапонија, велат лица запознаени со случајот.
Тројцата минатата недела биле приведени од Окружното обвинителство во Килунг во Тајван под сомнение дека фалсификувале документи поврзани со извозот на сервери на „Супер микро компјутер“ (Super Micro Computer Inc.) што содржеле напредни чипови на „Енвидија“, чија продажба во Кина е забранета од САД без дозвола од Вашингтон. Потегот претставува прва јавно објавена акција на островската демократија против пренасочување ВИ-чипови по повеќегодишниот американски притисок Тајван да преземе поактивна улога во ограничувањето на пристапот на Кина до технологија.
Кога тајванските власти ги привеле тројцата обвинети, кои сега и официјално се во притвор, заплениле и околу 50 сервери за кои ги обвинуваат дека подготвиле лажни извозни документи. Но најмалку една пратка веќе поминала низ тајванската царина, според лицата запознаени со случајот, кои побарале анонимност за да зборуваат за тековната кривична истрага.
Прочитај повеќе
Хуанг ја повика „Супер микро“ да ја заостри контролата по истрагата за ВИ-сервери во Тајван
Хуанг предупреди дека партнерите на „Енвидија“ мора сами да ја контролираат усогласеноста со извозните правила.
23.05.2026
„Енвидија“ ги разочара инвеститорите со прогнозите за продажба
Компанијата во средата соопшти дека продажбата за кварталот што завршува во јули ќе изнесува 91 милијарда долари.
21.05.2026
„Енвидија“ пред тест - потврда на еуфоријата или будење стравови
Инвеститорите чекаат најголемиот производител на чипови за вештачка интелигенција да покаже дека растот може да продолжи во 2027 и 2028 година, додека растечката конкуренција и забавувањето на приходите додаваат притисок врз акциите.
20.05.2026
Илон Маск, Џенсен Хуанг и Тим Кук со Трамп во Кина, ВИ е во центарот на вниманието
Џенсен Хуанг му се приклучи на бизнис тимот на Трамп на патувањето во Кина, ВИ чиповите и трговските односи се во фокусот на самитот во Пекинг.
13.05.2026
Таа претходна пратка прво пристигнала во Јапонија пред да стигне на крајот во Хонгконг, позната транзитна точка за хардвер што на крајот се испорачува во континентална Кина, велат изворите. Изворите одбиле да прецизираат колкаво количество хардвер сметаат тајванските власти дека успешно било прошверцувано. Обвинетите наводно планирале да ја користат Јапонија како посредничка локација и за серијата сервери што тајванските власти ги заплениле минатата недела.
Истрагата можеби е првиот познат случај во кој обвинители целат на рута за шверц на ВИ-чипови преку Јапонија, близок сојузник на САД и клучен столб на американската одбранбена стратегија во азиско-пацифичкиот регион. Другите случаи се однесувале на пренасочување преку Југоисточна Азија, вклучувајќи го и најголемото обвинение во САД за ваков вид шверц.
Претставници на Царинското биро при јапонското Министерство за финансии и Министерството за економија, трговија и индустрија не одговориле на барањата за коментар за сомнежите на Тајван. Исто така тие не одговориле на прашањата дали Токио комуницирал со тајванските власти за случајот. Портпарол на Окружното обвинителство во Килунг одбил да коментира, повикувајќи се на тековната истрага. „Блумберг“ не успеал да стапи во контакт со тројцата обвинети, кои обвинителството ги идентификувало само по презиме.
Јапонија е една од многуте локации во Азија во кои кинеските компании добиваат пристап до американски ВИ-чипови преку изнајмување хардвер што е во сопственост на странски компании и е инсталиран во странски центри за податоци. Таквата поставеност генерално е дозволена според американските правила за контрола на извозот, кои првпат беа воведени во 2022 година поради стравувањата дека напредната ВИ може да му даде воена предност на Пекинг.
Но многумина во Вашингтон долго време се убедени дека кинеските компании успеале да набават и прошверцуван хардвер во рамките на сопствената земја. По години релативен мир на фронтот на спроведување на контролите за извоз на чипови, американските обвинители сега водат најмалку пет кривични случаи поврзани со пренасочување полупроводници. Тоа се надоврзува на случаи на измами со извоз на чипови во Тајван и Сингапур, кои немаат сопствени контроли за извоз на полупроводници и, наместо тоа, се потпираат на локалните закони за решавање на проблемот.
Тајванските власти не ги обвинија ниту Енвидија“ ниту „Супер микро“ за какво било незаконско постапување. Главниот извршен директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, запрашан во саботата за случајот во Тајван, изјави дека производителот на чипови е „ригорозен“ во објаснувањето на прописите на сите свои партнери.
„На крајот, ’Супер микро’ е одговорна за сопственото работење“, им рече Хуанг на новинарите по пристигнувањето во Тајпеј, каде што треба да присуствува на настани до следната недела. „Се надевам дека ќе ја унапредат и подобрат усогласеноста со регулативите и ќе спречат вакви работи да се случуваат во иднина.“
„Енвидија“ не одговорила на барањето за коментар за оваа сторија, додека „Супер микро“ одбила да коментира.
Како одговор на коментарите на Хуанг, „Супер микро“ во саботата соопшти дека нејзините „силни рамки за усогласеност“ се „поддржани со ригорозна детална проверка усогласена со ’Енвидија’ и другите партнери“.
„Дополнително, неодамнешните настани ја нагласуваат потребата од решенија на ниво на целата индустрија што дополнително ќе помогнат во заштитата на синџирите на снабдување и зајакнување на спроведувањето на законите за контрола на извозот“, соопшти компанијата во изјава испратена по електронска пошта.