text size
Главниот правен советник на „Енвидија“ (Nvidia Corp.) интервенираше во истрагата на американската влада за сомневањата дека „Мегаспид“ (Megaspeed International) шверцувала чипови за ВИ. Тој прашал дали администрацијата на Трамп имала улога во приведувањето на раководителка на компанијата со седиште во Сингапур. Раководителката сега е во средиштето на скандал што го загрозува Џенсен Хуанг.
Кон крајот на летото 2025 година, Тим Титер од „Енвидија“ му се јавил на потсекретарот за трговија Џефри Кеслер, кој ги надгледува американските ограничувања за извоз на чипови, за да праша за истрагата за „Мегаспид“, според лица запознаени со случајот.
Поточно, Титер сакал да знае дали Бирото за индустрија и безбедност, со кое раководи Кеслер, било вклучено во неодамнешното приведување на Алис Хуанг, раководителка во „Мегаспид“, од страна на сингапурските власти, велат лицата запознаени со случајот. Сингапурската полиција ја одвела Алис на распит и ѝ забранила да ја напушти земјата. Бирото не учествувало во таа постапка, велат соговорниците, кои зборувале под услов да останат анонимни поради чувствителноста на случајот.
Прочитај повеќе
Што сѐ Конгресот треба да го распраша шефот на „Енвидија“
Американските законодавци ќе треба да утврдат за кого всушност лобирал Хуанг — за себе, за својата љубовница или за Кина?
пред 11 час
„Гугл“ ѝ задава удар на „Енвидија“ со сопствени чипови за вештачка интелигенција
„Гугл“ ја засилува офанзивата на пазарот на чипови за вештачка интелигенција со нови процесори, пониски цени и амбициозни планови.
пред 16 часа
Што знаеме за наводниот шпионски скандал во „Енвидија“
Џенсен Хуанг, првиот човек на „Енвидија“, се најде во центарот на скандал што отвора сериозни прашања за националната безбедност, деловните врски со Кина и неговата иднина на чело на технолошкиот гигант.
пред 20 часа
Акциите на „Енвидија“ во пад по скандалот на Хуанг - што очекуваат аналитичарите?
Акциите на „Енвидија“ паднаа, Џенсен Хуанг е под истрага, а аналитичарите предупредуваат на нова неизвесност за еден од највредните технолошки гиганти во светот.
пред 21 час
Џенсен во неделата призна дека имал афера со Алис, откако претходно лажел за природата на нивниот однос, кој сега е предмет на истрага на одборот на директори на „Енвидија“. Портпарол на „Енвидија“ изјави дека Титер не знаел за аферата кога му се јавил на Кеслер во врска со приведувањето на Алис во Сингапур.
Не е јасно дали Титер му упатил конкретни барања на Кеслер во врска со истрагата што Бирото ја водело за „Мегаспид“, одделно од истрагата на сингапурските власти. Но во неделите што следувале, на вработените во Бирото им биле наметнати ограничувања во истрагата за компанијата. Меѓу другото, им било наложено сите барања до „Енвидија“ да ги упатуваат преку Кеслер или да бараат негова дозвола за да стапат во контакт со компанијата. Тоа е крајно невообичаена мерка што и натаму важи само за овој производител на чипови, велат соговорниците. На вработените им било кажано и да не ги спомнуваат „Мегаспид“ или нејзината малезиска подружница „Спидматрикс“ (Speedmatrix) во комуникацијата со надворешни страни.
Во меѓувреме, Титер директно стапил во контакт со вработени во Бирото и побарал состанок со еден од нив, според дел од соговорниците. Вработениот одбил да се состане со него, а Титер одговорил дека не разбира зошто барањето му било одбиено, бидејќи Кеслер му дозволил да комуницира со вработените во Бирото. Не е јасно за што точно Титер сакал да разговара со нив.
Вработените му ја препратиле пораката на Кеслер, кој неколку часа подоцна им рекол да продолжат да постапуваат по случајот според правилата. Тие му одговориле: „Примено. Ви благодариме.“ Кеслер не дал други насоки за тоа како да постапуваат по случајот, според еден од соговорниците. „Њујорк тајмс“ (The New York Times) претходно објави за контактите на Титер со вработените во Бирото и за нивната размена на пораки со Кеслер.
„При спроведувањето на прописите, Бирото за индустрија и безбедност строго се придржува до правилата“, изјави портпарол на Бирото. „Бирото решително постапува во сите области, вклучително и во случаите на шверц со чипови, а спроведувањето на прописите е на највисоко ниво досега.“
Bloomberg
Кон крајот на 2025 година, Министерството за правда, кое работело на случајот заедно со Бирото за индустрија и безбедност, побарало од Бирото привремено да ја запре работата на случајот, велат соговорниците. Ваквата соработка е стандардна практика кога истрага на Бирото прераснува во кривична истрага. Оттогаш Бирото нема постигнато никаков напредок, иако располага со доволно докази за да продолжи со истрагата.
Овој несекојдневен случај отвора прашања за тоа дали „Енвидија“ може да влијае врз американските истраги за прекршување на ограничувањата за извоз на чипови во Кина, како и за тоа што точно Титер сакал да направи со евентуалните дополнителни информации за приведувањето на Алис во Сингапур.
На прашањето за интервенцијата на компанијата во истрагата на Бирото за „Мегаспид“, портпарол на „Енвидија“ изјави дека компанијата се консултира со владини претставници „за да одговориме на нивните прашања, да им ги дадеме информациите што сме ги собрале на терен, да побараме насоки и упатства и да прашаме дали имаат дополнителни прашања“.
„Настојуваме брзо да ги расчистиме сите наводи за ‘пренасочување’ за да им помогнеме на владата и на нашите партнери да ги спречат потенцијалните шверцери. Во исто време, продолжуваме да ги опслужуваме клиентите што работат законски, кои сочинуваат клучен пазар и ѝ помагаат на Америка да победува на светско ниво“, рече портпаролот. „Неразјаснетите прашања околу законското работење ја поткопуваат долгогодишната политика на САД и им штетат на американската економска и национална безбедност.“
И покрај ваквиот став, во месеците по првиот телефонски разговор на Титер со Кеслер, „Енвидија“ му дала на Бирото нецелосни информации за деловната соработка со „Мегаспид“. По неколку посети на центрите за податоци на „Мегаспид“, вкупно 12 објекти во сопственост на осум компании во три земји во Југоисточна Азија, „Енвидија“ му ги испратила на Бирото резултатите од проверките на инвентарот, а во средината на ноември 2025 година за „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) изјавила дека сè е на своето место.
Компанијата тогаш соопштила и дека ја прашала американската влада дали треба да ја прекине деловната соработка со „Мегаспид“ и дека добила одговор дека тоа не е потребно.
Но, според трговската документација што ја анализирал „Блумберг“, во пресметките доставени до американската влада, „Енвидија“ прикажала 50.000 чипови помалку од бројот што ѝ го продала на „Мегаспид“ преку партнерите за хардвер. Тие 50.000 чипови вредат милијарди долари. Откако од неа било побарано да ја објасни разликата, „Енвидија“ во декември 2025 година му соопштила на „Блумберг“ дека проверила и други складишта на „Мегаспид“, во кои се наоѓала опремата што недостигала. Компанијата одбила да каже колку точно чипови пронашла во тие објекти или да даде дополнителни детали.
„Енвидија“ одбила да коментира и за други значајни несовпаѓања во податоците за мрежата на центри за податоци на „Мегаспид“. Двајца од осумте оператори за кои „Енвидија“ им кажала на претставниците во Вашингтон дека ги посетила изјавиле дека кај нив, всушност, немало опрема на „Мегаспид“. „Мегаспид“ има и своевиден корпоративен близнак во Кина. Не е јасно дали „Енвидија“ разговарала за овие прашања со Бирото за индустрија и безбедност или со Министерството за правда.
Во меѓувреме, најголемиот меѓу закуподавачите што ѝ изнајмувале простор за центри за податоци на „Мегаспид“ го прекинал закупот со компанијата. „Енвидија“ и натаму одбива да каже дали повторно го посетила тој објект или направила дополнителни посети на некој од другите објекти на „Мегаспид“, иако пред речиси една година вети дека ќе го стори тоа.
Бирото, пак, одби да воведе ограничувања за деловната соработка на „Енвидија“ со „Мегаспид“, иако високи претставници на администрацијата на Трамп побарале таков чекор. „Мегаспид“ категорично ги отфрли наводите за пренасочување на чиповите и соопшти дека американската влада не одговорила на нејзините обраќања во врска со истрагата.
Компанијата додаде дека истрагата на сингапурските власти „за активности поврзани со наводното пренасочување на чипови заврши претходно оваа година, без да бидат преземени мерки против ‘Мегаспид’“. „Блумберг“ не успеа да стапи во контакт со Алис Хуанг и покрај повеќекратните обиди во изминатата година. „Мегаспид“ не зборуваше во нејзино име.
Пред околу три месеци, Титер од „Енвидија“ телефонски разговарал со друг член на тимот на Трамп, функционер во Белата куќа. Според лице запознаено со разговорот, Титер му рекол на функционерот дека Алис нема толку важна улога во „Мегаспид“ колку што самата тврди. Тоа веројатно се однесувало на нејзиното тврдење на „Линкдин“ дека е главна извршна директорка на компанијата, иако според официјалните документи таа никогаш не ја извршувала таа функција. Сепак, додал Титер, поради негативниот публицитет околу Алис, „Енвидија“ ја прекинала деловната соработка со „Мегаспид“.
Негативниот публицитет почна во октомври 2025 година, кога „Њујорк тајмс“ прв објави дека американската влада ја истражува компанијата. Според малезиската трговска документација, во ноември 2025 година „Мегаспид“ увезла најмалку 17.544 процесори ГБ300 на „Енвидија“, во вредност од околу 787 милиони долари. Во тоа време, тие беа најнапредните и најбараните чипови за ВИ на пазарот.
„Мегаспид“ и денес е официјален партнер на „Енвидија“ за облачни услуги. Тоа е посакуван статус во секторот на центрите за податоци, кој „Енвидија“ вообичаено им го одзема на компаниите со кои ќе престане да соработува.