text size
На крајот, Џенсен Хуанг изгледаше скршено и потиштено, а неговата легендарна енергија беше исцрпена. По неколку недели во кои ги негираше наводите за неверство и се бореше да остане на функцијата извршен директор на „Енвидија“ (Nvidia Corp.), доцна во средата вечерта се предаде безусловно. Според лице запознаено со ситуацијата, исчезнала решителноста со која Хуанг вообичаено ја преземал контролата, а тој почнал да употребува изрази како „сеедно“ и „не ми е гајле“.
Во текот на децениите во кои ја претвораше „Енвидија“ во гигант за чипови за вештачка интелигенција вреден повеќе билиони долари, Хуанг беше познат по вниманието што го посветуваше и на најситните детали, од архитектурата на чиповите до платите и поволностите дури и за вработените на најниските позиции во компанијата. Сега, во очите на присутните во просторијата, тој се беше откажал.
Според луѓе што разговарале со него изминативе денови, Хуанг веќе почнал да се кае и остро се прекорувал себеси, нарекувајќи се „гом...“.
Тоа беше зачудувачки брз пад за милијардерот и технолошкиот магнат кој пред две недели беше лицето на вештачката интелигенција во светот. Со својата директност и енергичност го шармираше американскиот претседател Доналд Трамп, ја обликуваше глобалната технолошка политика и привлекуваше толпи обожаватели на своите меѓународни турнеи во папски стил.
Тешко е да се замисли дека сегашниот подем на ВИ ќе се случеше без Хуанг, неговата компанија и нејзините чипови, а тешко е да се замисли и како ќе изгледа по неговиот пад. Како што напиша Харви Џонс, претседател на одборот на директори на компанијата, во електронска порака до вработените по смената на Хуанг, „Придонесот на Џенсен за ‘Енвидија’ е огромен. ‘Енвидија’ е една од највлијателните технолошки компании во светот“.
Хуанг беше недостапен за коментар.
Кога кон крајот на октомври се дозна дека Хуанг имал блиски врски со жена осомничена дека е кинеска шпионка, изгледаше дека ќе излезе како победник. Одборот на директори, во кој преовладуваа долгогодишни инвеститори, деловни партнери и пријатели на Хуанг, не беше склон да преземе нешто по медиумските написи, па дури ни јавно да ги коментира.
Во повеќето медиумски извештаи внимателно се избегнуваше да се каже каква точно била врската меѓу извршниот директор и Алис Хуанг, осомничена за шпионажа. Пред пријателите и колегите, Хуанг негираше дека ѝ бил неверен на сопругата. Тоа го негирал и кога го прашувале во компанијата, уште од крајот на 2025 година. Во едно од последните интервјуа како извршен директор, Хуанг за „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) изјави дека неговиот однос со Алис Хуанг бил каков што вообичаено имал со кинеските клиенти и раководители. „Сè беше сосема нормално и немаше ништо невообичаено“, рече тој.
Пресвртот дојде минатиот петок, на 6 ноември, кога „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) објави напис во кој се повика на американски функционери што рекле дека врската била љубовна. Набргу потоа, главниот правен советник на „Енвидија“, Тим Тетер, отиде кај Хуанг дома за да се соочи со него, а Хуанг призна. Во тој момент, мнозинството членови на одборот сè уште не сакаа јавно да заземат став, но Тетер, кој е секретар на одборот, им рече дека мора да преземат нешто. Одборот соопшти дека ќе ги истражи наводите. Истрагата требаше да ја води угледната адвокатска канцеларија „Воктел, Липтон, Розен и Кац“ (Wachtell, Lipton, Rosen & Katz). Во неделата, Хуанг им испрати електронска порака на сите вработени во компанијата, во која ја призна аферата, му се извини на семејството и вети дека „целосно ќе соработува“ во истрагата на одборот.
Како што скандалот земаше замав, имаше показатели дека му го одвлекува вниманието на Хуанг од многубројните обврски во компанијата, што можеби и не изненадува. Според невообичаената организациска структура на „Енвидија“ (Nvidia), околу 60 раководители во компанијата му беа директно подредени на Хуанг, мала армија според вообичаените стандарди за управување. Сите во компанијата мораа да испраќаат електронски пораки со своите пет најважни приоритети, преку кои Хуанг проверуваше дали секој работи на она што тој го сметаше за најважно. Вообичаено одговараше веднаш, во секое време од денот и ноќта. Во последните денови му требаше повеќе време да одговори.
Во средата, „Њујорк тајмс“ (The New York Times) објави дека Хуанг имал и вонбрачна врска со Кимберли Пауел, потпретседателка на „Енвидија“ за здравство. Овојпат одборот реагираше брзо. Членовите на одборот во средата се состанаа од далечина, а состанокот траеше до доцна во ноќта. На крајот, на Хуанг не му беше оставен друг избор освен да поднесе оставка, со што остана без формална улога во компанијата што ја коосноваше.
Следното утро, одборот соопшти дека финансиската директорка Колет Крес ќе ја преземе функцијата привремена извршна директорка. Таа веднаш се обиде да ги смири вознемирените вработени. „Длабоко верувам во оваа компанија и во нејзината иднина“, напиша Крес во електронска порака во која „Блумберг“ (Bloomberg) имаше увид. „Повеќе од сè, верувам во секој од вас, во нашите клиенти и партнери и во клучната улога што ја имаме секој ден во светската економија. Одборот, персоналот и јас сме свесни дека ова беше исклучително тежок период и сакам да знаете колку сме благодарни за вашата издржливост, професионалност и посветеноста што и понатаму ја покажувате. Ви благодарам.“
Таа вети дека на 18 ноември ќе одржи состанок со сите вработени. Еден ден претходно, „Енвидија“ треба да ги објави резултатите и да соопшти колкав бил растот на кварталната продажба, за кој аналитичарите од Волстрит предвидуваат дека речиси се удвоил.
Bloomberg
Сега одборот се соочува со тешката задача да најде замена за Хуанг. Меѓу раководителите за кои се смета дека веројатно ќе влезат во потесниот избор се Лиза Су, извршната директорка на „АМД“ (Advanced Micro Devices Inc.), и Рене Хас, извршниот директор на „Арм холдингс“ (Arm Holdings Plc). Тешко е да се замисли дека некој би можел да ги преземе сите негови улоги, експерт за технологија, раководител, експерт за маркетинг, лобист и маскота, а компанијата никогаш не се потрудила да изготви вообичаен план за избор на наследник. За добро или за лошо, „Енвидија“ отсега ќе почне повеќе да личи на обична компанија, со повообичаен начин на управување.
Што се однесува до самиот Хуанг, тој нема да може да се повлече од јавниот живот, дури и ако го сака тоа. Во наредните недели се очекува да сведочи пред Конгресот, каде што политичарите ќе го прашаат за неговата врска со Алис Хуанг и дали таа можеби довела во опасност дел од тајните на најсовремените чипови на „Енвидија“. Според луѓето што разговарале со него, Хуанг во последните денови тврдел дека во овој момент веќе не му е важно што ќе се случи со него. Вели дека најмногу се грижи за сопругата и за тоа да не им ги „уништи животите“ на жените за кои јавноста сега претпоставува дека биле во љубовна врска со него.