text size
Хутите, поддржани од Иран, започнаа ракетни и напади со беспилотни летала низ Саудиска Арабија, гаѓајќи неколку града, додека беше погодено и седиштето на нафтениот гигант „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco), на истокот од кралството.
Во комплексот со канцеларии на „Арамко“ во Дахран избувнал ограничен пожар и немало жртви, соопштија саудиските власти. Нападите продолжија и во средата, во судирите во кои во текот на изминатата недела во Саудиска Арабија загинааа најмалку 18 лица, а стотици други беа повредени. Ракети беа насочени кон повеќе градови, вклучувајќи го и главниот град Ријад, а коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која се бори против Хутите, соопшти дека пресретнала повеќе проектили.
Во исто време Иран ги интензивира нападите врз бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец во Персискиот Залив, што потенцијално го загрозува закрепнувањето на снабдувањето со нафта. Цената на суровата нафта брент се тргува на или над 100 долари за барел повеќе од еден месец, придонесувајќи за инфлаторните притисоци на глобално ниво.
Прочитај повеќе
Хутите ја напаѓаат Саудиска Арабија, САД размислуваат за интервенција
Нападите ги загрозуваат нафтените капацитети и ја зголемуваат неизвесноста на пазарите.
12.10.2026
Зошто е толку тешко да се поразат јеменските Хути?
Саудиска Арабија започна голема воена кампања против Хутите, кои контролираат значителен дел од земјата и стратешкиот теснец Баб ел Мандеб.
08.10.2026
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која се бори против Хутите, соопшти дека пресретнала ракети насочени кон Харџ, јужниот регион на кралството, Дахран и Харад. Шрапнели од пресретнувањето паднале во станбена област во Дахран, соопшти коалицијата. Претходно, саудискиот кабинет предупреди дека Хутите ќе ги „преземат последиците“ од повторените „грозоморни напади“ врз аеродроми, цивилни и економски објекти.
Коалицијата вчера им порача на луѓето во близина на нафтен објект во Сана, главниот град на Јемен под контрола на Хутите, да ја напуштат областа „поради нивна безбедност“. Подоцна, „Јемен петролеум“ (Yemen Petroleum Co.) соопшти дека биле погодени објектите Ал Сабах и една станица за полнење гориво. Компанијата соопшти дека ги испразнила резервоарите за гориво пред нападот. Телевизијата „Ал Масира“, управувана од Хутите, објави дека биле нападнати и неколку области во Саада и Ал Џауф.
Нафтената инфраструктура во Саудиска Арабија исто така била цел на напади за време на ескалацијата на непријателствата со Хутите.
Рафинеријата во Џазан, на западот од кралството, е затворена по претходен напад, додека бил нападнат и клучен пристаништен објект за извоз на нафта на брегот на Црвено Море. Гасоводот што минува низ целата земја и кој претставува главен начин на кој „Арамко“ ја транспортира својата нафта до пазарите беше привремено затворен минатиот месец по напад.
Силите предводени од Саудиска Арабија се борат против Хутите во Јемен
Групата поддржана од Иран стрела ракети и беспилотни летала кон саудиските градови
Bloomberg
Дахран, кој се наоѓа на брегот на Персискиот Залив, е во срцето на нафтената економија на кралството. Покрај „Арамко“, во регионот се наоѓа и универзитет специјализиран за нафтено инженерство, како и голема воздухопловна база. Најголемите нафтени полиња на Саудиска Арабија се наоѓаат во пустините на Источната покраина и во Персискиот Залив.
Во вторникот претседателот Доналд Трамп упати нешто што изгледаше како прикриена закана кон милитантната група преку социјалните мрежи, велејќи дека тие „намерно се обидуваат да ги зголемат цените на нафтата“ по „налог на Иран“, во пресрет на американските избори на почетокот од ноември.
„Мислев дека ја научија лекцијата пред една година, кога ги бомбардиравме до пеколот и назад, а потоа, по нивно барање, престанавме“, напиша Трамп. „Ќе бидам таму по изборите и никогаш нема да заборавам!“
Трамп за време на викендот изјави дека размислува да ѝ се приклучи на кампањата поддржана од Саудиска Арабија против Хутите. САД веќе му помагаат на Ријад со разузнавачки информации, одредување цели и дополнување гориво на воздухопловите во лет, но досега се воздржуваа од директно вклучување.
Борбите претставуваат предизвик за напорите на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман да ја трансформира економијата на кралството, богата со нафта, во центар за сè - од туризам до финансии.
Летовите на главниот аеродром во Ријад се прекинати, а главниот финансиски центар на престолнината премина на работа од далечина, токму во момент кога кралството се подготвува да биде домаќин на неколку значајни меѓународни настани, вклучувајќи го и својот главен собир за инвеститори.
Подоцна овој месец во Ријад треба да се одржи клучниот настан ФИИ (Future Investment Initiative), кој вообичаено привлекува влијателни личности од Волстрит, од Лари Финк од „Блекрок“ (BlackRock Inc.) до Џејн Фрејзер од „Ситигруп“ (Citigroup Inc). Кралството го користи овој настан како платформа за да се претстави како една од најдобрите инвестициски можности во регионот.
Организаторите сега планираат конференцијата ФИИ да ја претворат во хибриден настан, овозможувајќи им на директорите да учествуваат од далечина, објави „Ројтерс“ во вторникот, повикувајќи се на две неименувани лица запознаени со прашањето.
Финансискиот директор на „Сити“, Гонзало Лукети, во вторникот изјави дека банката им дозволува на своите вработени во Саудиска Арабија да работат од дома, но дека никого не евакуирала. Тој рече дека банката има доверба во својата способност да се справи со нарушувањата.
Ријад е во конфликт со Хутите уште откако тие ја презедоа контролата врз јеменскиот главен град Сана во 2014 година и ја принудија меѓународно признатата влада, поддржана од Саудиска Арабија, да поднесе оставка следната година.
Тензиите повторно се зголемија во јули, кога саудиски авиони ја погодија пистата на аеродромот во Сана за да спречат делегација на Хутите, која се враќала од Иран, да слета. Непријателствата се интензивираа во текот на изминатата недела, кога силите предводени од Саудиска Арабија во Јемен започнаа нова кампања за повторно преземање на контролата врз областите под контрола на Хутите.