text size
Европските авиокомпании денеска се соочија со втор бран закани за поставени бомби, кои неселективно погодија компании од нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ до финскиот национален авиопревозник „Финер“. Тоа предизвика хаос во воздушниот сообраќај низ регионот, кој и онака се соочува со низа безбедносни инциденти.
Меѓу погодените летови бил и летот ЕИ-402 на „Ер Лингус“, кој сообраќал од Даблин до Рим и бил принуден итно да се пренасочи кон воен аеродром во северна Франција. Од „Финер“ соопштија дека слични закани, за кои се покажа дека биле лажни, добиле и два нивни лета на релациите Хелсинки-Рим и Хелсинки-Виена.
Меѓу другите авиокомпании на кои им биле упатени закани се и полската ЛОТ и „Визер“, која и претходно во текот на неделата беше цел на неколку закани. Во Чешка полицијата соопшти дека добила дојави за поставени бомби во четири авиони што летале кон Прага и дека авионите ќе бидат пребарани откако ќе слетаат. И главниот аеродром во Виена добил предупредување, објави новинската агенција АПА.
Досега не е утврден никаков образец во врска со серијата закани во текот на оваа недела, ниту во однос на авиокомпаниите што биле цел на заканите, ниту во однос на погодените авиолинии. Заканите за поставени бомби се ретки настани и речиси секогаш се покажува дека станува збор за лажни дојави или за имитатори. Во просек, секој ден на европското небо има повеќе од 30.000 лета.
Сепак, необичниот пораст на заканите за поставени бомби се случува во период на зголемени геополитички тензии и невообичаени нарушувања во Европа, вклучувајќи ги и повторените хакерски напади врз системите за ладење во супермаркетите и упадите на беспилотни летала на територијата на европските земји.
Во Романија надлежните служби на аеродромот „Букурешт Отопени“ го пребарале летот ВМТ-3064 на „Визер“, откако слетал од Милано со 182 патници во авионот. Од аеродромот соопштија дека ги спроведуваат безбедносните протоколи, иако другите летови продолжуваат да се одвиваат вообичаено.
Најмалку седум лета беа нарушени поради закани за поставени бомби во периодот од понеделникот до вторникот, што доведе до пренасочување на стотици патници, а некои авиони беа придружувани до аеродромите од борбени авиони. Не беа пронајдени експлозивни направи, а британската влада ги оцени инцидентите како „злонамерни лажни закани“.
Од „Визер“ во вторникот соопштија дека надлежните органи први биле известени за заканите и дека предупредувањето потоа било проследено до авиокомпанијата, која постапила во согласност со безбедносниот протокол.