text size
Извршниот директор на „Рајанер“ (Ryanair Holdings Plc), Мајкл О’Лири, најави рекорден раст на цените на авионските билети во Европа следната година, бидејќи војната на Блискиот Исток продолжува да ги зголемува цените на нафтата, принудувајќи ги авиокомпаниите да ги пренесат трошоците за гориво врз потрошувачите.
Цените на билетите би можеле да се зголемат за дури 20 проценти следната година, изјави О’Лири во вторникот за време на прес-конференција во Брисел. Како резултат на тоа, профитните маржи на авиокомпаниите ќе бидат под притисок, бидејќи дури ни зголемувањето на доплатите нема да биде доволно за да се покријат повисоките трошоци за нафта, рече тој.
„Во следните 12 месеци во Европа ќе го видиме, би рекол, најголемото зголемување на цените на авионските билети во историјата“, изјави О’Лири. „Прашањето е дали тоа зголемување на цените на авионските билети ќе биде доволно за да ги покрие драматично повисоките трошоци за нафта? Не мислам дека ќе биде.“
Прочитај повеќе
Скапото гориво е ризик за профитот на „Луфтханза“
Германската авиокомпанија „Луфханза“ предупреди дека неизвесноста околу нејзините резултати за целата година е зголемена, бидејќи нестабилните цени на авионското гориво и пократките периоди за резервации го отежнуваат зголемувањето на профитот.
04.08.2026
Како недостигот на авионско гориво ја загрозува летната сезона?
Војната со Иран ги намали глобалните залихи на гориво за авиони, заканувајќи се да ги расипе плановите за одмор на милиони луѓе.
11.05.2026
„Луфтханза“ ќе откаже 20.000 летни летови поради скапото гориво
„Луфтханза“ драстично крати 20.000 лета и приземјува авиони бидејќи цените на горивото отидоа во небо.
22.04.2026
Изјавите на директорот на најголемата нискобуџетна авиокомпанија во Европа одат во прилог на сè попесимистичните изгледи за воздухопловната индустрија, која е принудена да се справува со драматичниот раст на трошоците, иако патниците продолжуваат да трошат повеќе за авионски билети.
О’Лири рече дека повеќето европски авиокомпании, вклучувајќи ја и неговата, немаат значително хеџирање за следната година за да се заштитат од повисоките цени на нафтата. Дополнително, на пазарот има помал капацитет бидејќи некои авиокомпании се соочуваат со тешкотии, додека повисоките даноци дополнително ги влошуваат изгледите за индустријата.
„Следната година 85 проценти од нашите потреби не се заштитени со хеџирање, а повеќето други европски авиокомпании се во слична позиција“, рече тој.
Акциите на „Рајанер“ паднаа за дури 2,1 процент, со што годишниот пад достигна 25 проценти. Доколку продолжи со тоа темпо, тоа би бил најлошиот годишен берзански резултат од 2018 година.
Извршниот директор ја искористи својата прес-конференција, исполнета со пцовки, за да ги нападне регулативите на пазари како Франција и Белгија, каде што „Рајанер“ ќе го намали своето присуство како одговор на повисоките даноци. Тој повтори дека консолидацијата на европската воздухопловна индустрија ќе продолжи, бидејќи послабите играчи се борат да опстанат во услови на високи трошоци.
„Ер Балтик“ (Air Baltic Corp) и шпанската „Волотеа“ (Volotea) се најновите европски авиопревозници што минуваат низ реструктурирање, додека повисоките трошоци го земаат својот данок. Минатата недела, „Луфтханза“ (Deutsche Lufthansa AG) ја доби трката против „Ер Франс КЛМ“ (Air France-KLM) за преземање удел во португалската државна авиокомпанија ТАП (TAP). Во меѓувреме, американската компанија за приватен капитал „Аполо“ (Apollo Global Management Inc.) ги поставува темелите за преземање на „Изиџет“ (EasyJet Plc).
Авиокомпаниите ширум светот се соочуваат со нагло зголемување на трошоците за авионско гориво откако кон крајот на февруари започна војната во Иран. Последните финансиски резултати на „Рајанер“, објавени во јули, покажаа дека конфликтот негативно влијаел врз добивката на компанијата и довел до подоцнежни резервации, поради загриженоста за достапноста на авионското гориво.
О’Лири одделно изјави дека има цел првата испорака на авиони „боинг макс 10“ (Boeing Co. Max 10) за авиокомпанијата да ја добие во јануари, а до април се очекуваат уште околу 16 авиони.