ПОЛИТИКА
Израел и Хезболах постигнаа договор за привремен прекин на огнот
Тензиите на Блискиот Исток се смируваат. Израел и либанската милитантна група Хезболах постигнаа договор за 60-дневен прекин на огнот. Договорот дојде по неколкунеделни преговори меѓу двете страни, со посредство на САД.
Прекинот на огнот на 60 дена претставува прв чекор кон завршување на конфликтот во кој загинаа илјадници луѓе и отвора врати за нови мировни иницијативи во Појасот Газа. Американскиот претседател Џо Бајден порача дека сега САД, заедно со Египет, Катар и со Турција, ќе вршат притисок да дојде до прекин на огнот и меѓу Израел и Хамас.
Трамп ги изнесе номинациите за две клучни позиции во неговиот економски тим
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го именува Кевин Хасет да раководи со Националниот економски совет, а Џејмисон Грир за американски трговски претставник, пополнувајќи две клучни места во неговиот економски тим.
Хасет и Грир ќе имаат директно влијание врз економската агенда на Трамп. За функцијата на Хасет не е потребна потврда од Сенатот и тој ќе биде вклучен во плановите на Трамп за намалување на даноците, додека Грир, доколку Сенатот ја потврди неговата номинација, ќе има директна улога во проширувањето на опсегот на царините.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции претежно се во црвено, додека трговците ги разгледуваат новите номинации на Трамп за места во идната администрација.
Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со загуби поради најавите на новоизбраниот американски претседател за воведување дополнителни царини на Кина, Мексико и Канада.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските акции исто така се тргуваат претежно во црвено. Bloomberg Dollar Spot Index падна за десеттина од процент додека приносите на десетгодишните обврзници паднаа за еден базичен поен.
Официјалните лица на Федералните резерви (Фед) укажаа на поддршка за внимателен пристап кон намалување на каматните стапки, според записникот од нивниот последен состанок за монетарната политика. Инвеститорите денеска очекуваат податоци за инфлацијата и економскиот раст, кои може да дадат навестувања за следниот потег на Фед.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие бележат мешани резултати. Регионалниот индекс и акциите во Јапонија се во загуби, додека акциите во континентална Кина и Хонгконг се тргуваат со добивки.
Кинеската влада одобри квота на обврзници од вкупно 69 милијарди долари, која ќе им овозможи на две институции за управување со државен имот да издадат хартии од вредност што ќе помогнат во финансирањето на инвестициите за да се поттикне економскиот раст.
Нафта
Цената на нафтата се стабилизира по навестувањата дека ОПЕК+ уште еднаш ќе го одложи обновувањето на производството, додека се намалуваат геополитичките ризици по споменатиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Брентот се продаваше за помалку од 73 долари за барел по падот од околу три проценти во претходните две сесии на тргување поради очекувањето на примирјето, додека ВТИ (West Texas Intermediate) се држеше над 68 долари. ОПЕК+ ќе се состане викендов, а се претпоставува дека разговорите ќе одат во насока на понатамошно одложување на зголеменото производство на нафта, првично планирано за јануари.