Настаните на Блискиот Исток и натаму се во фокусот на пазарните набљудувачи. Азиските и европските акции претежно бележат загуби, додека инвеститорите во американски средства се оптимисти пред состанокот на тамошната централна банка.
ПОЛИТИКА
Тензиите на Блискиот Исток растат
Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со својот тим за национална безбедност за заострувањето на конфликтот на Блискиот Исток, што поттикна шпекулации дека САД би можеле да се приклучат на израелскиот напад врз Иран.
Да потсетиме, Трамп претходно разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и објави барања за „безусловно предавање“ на Иран на социјалните мрежи, додека Израел и Иран не покажуваат знаци на смирување на тензиите. Сето тоа доведе до раст на цените на нафтата и загриженост за пошироки последици врз светската економија.
Бенјамин Нетанјаху
Фото: Bloomberg
Резултатите од самитот на Г7 се мешани
Канада се откажа од намерата Г7 да објави заедничка изјава за војната во Украина, а годинашниот самит покажа колку форумот станал фрагментиран. Инаку, Трамп претходно го напушти самитот, оставајќи ги другите лидери да се прашуваат кој ќе биде неговиот следен потег. Резултатите од самитот се мешани – Трамп се согласи да работи на трговски договор со Канада и потпиша договор со Обединетото Кралство, но не успеа да постигне договори со Јапонија и со Европската Унија (ЕУ).
БЕРЗИ
Европа
Европските фјучерси претежно се во минус бидејќи инвеститорите се загрижени за ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран и поширокото влијание што ќе го има тоа. Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со загуби.
САД
Од другата страна на океанот, фјучерсите на американските индекси се во пораст, додека трговците ја очекуваат одлуката на Федералните резерви (Фед) за каматните стапки. Индексот Bloomberg Dollar Spot е благо променет. Се очекува Фед да ја задржи каматната стапка непроменета и да направи пауза и во јуни.
Bloomberg
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, со нив претежно се тргува во минус. Регионалниот индекс, како и акциите во континентална Кина и Хонгконг, бележат загуби, додека акциите во Јапонија остваруваат добивки. Јапонскиот јен зајакна за петтина процент во однос на доларот.
КОМПАНИИ
Закерберг им нуди и до 100 милиони долари на вработени во „Опен еј-ај“
Марк Закерберг; Фото: Bloomberg
На корпоративен план, извршниот директор на „Опен еј-ај“ (OpenAI), Сем Алтман, изјави дека компанијата „Мета“ (Meta Platforms) им понудила на неговите вработени бонуси за потпишување договори и до 100 милиони долари и големи годишни пакети на компензации, сè со цел да се изгради врвен тим за вештачка интелигенција. Да потсетиме, извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, лично регрутира луѓе за тимот што ќе се занимава со „суперинтелигенција“ за повторно да ја постави компанијата на првото место кога станува збор за иновации.
НАФТА
На пазарот на суровини, цената на нафтата е блиску до петмесечен максимум поради загриженоста на инвеститорите дека растот на тензиите на Блискиот Исток ќе ги поттикне САД да се вклучат во конфликтот. Па така, ВТИ (West Texas Intermediate) порасна на над 75 долари за барел, додека брентот е блиску до 77 долари. Да потсетиме, цената на нафтата порасна за 10 проценти од почетокот на израелско-иранскиот конфликт.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...