Фудбалската репрезентација на Шпанија во финалето на најголемото Светско првенство во историјата ја совлада актуелниот светск шампион, Аргентина и на својот дрес ја додаде втората ѕвезда, 16 години по првата. Големото финале одиграно на стадионот „Метлајф“ во Њујорк ја потврди Шпанија како водечка фудбалска сила на оваа деценија, која повторно ги обедини титулите европски и светски првак.
Мундијалот во 2026 година беше најголемото Светско првенство во историјата, со 48 репрезентации и 104 натпревари во САД, Канада и Мексико. Турнирот го собори рекордот по вкупна посетеност, со повеќе од 6,6 милиони гледачи уште пред натпреварот за третото место и финалето. Конечната бројка би требало да достигне речиси седум милиони посетители.
ФИФА очекува приходи од околу 13 милијарди долари во четиригодишниот циклус од 2023 до 2026 година, кој кулминира со овој Мундијал. Најголемиот дел доаѓа од телевизиските права, спонзорствата, продажбата на билети и ВИП-програмите за гости. Наградниот фонд за репрезентациите е зголемен на рекордни 655 милиони долари, додека на освојувачот му припаѓаат 50 милиони долари, а на поразениот финалист 33 милиони долари.
Прочитај повеќе
Англија ја победи Франција во спектакл на кој беа дадени 10 голови
Натпреварот за бронзениот медал, кој двата тима го дочекаа по болни полуфинални порази, донесе вистински спектакл со 10 голови и победа на Англија од 6:4.
19.07.2026
Трамп, Меси и Тачер – Светското првенство стана глобална политичка сцена
Политичката сцена на Светското првенство во 2026 година конечно ја презеде главната улога по второто полуфинале.
19.07.2026
Трамп, Шејнбаум и Карни на иста трибина на „Мат Лајф“: Домаќините заедно ќе го следат финалето на Мундијалот
Трамп ќе ги пречека Шејнбаум и Карни на финалето во Њу Џерси, по месец исполнет со тензии околу миграцијата, трговијата и царините.
18.07.2026
„Адидас“ го победи „Најк“ уште пред финалето на Мундијалот
Германскиот производител ќе има одлична маркетиншка изложеност без оглед кој ќе го подигне пехарот - и Шпанија и Аргентина носат опрема на „Адидас“
17.07.2026
Политиката на Инфантино почнува да му се враќа како бумеранг
Десет години по доаѓањето на Џани Инфантино на чело на ФИФА, критичарите тврдат дека ветените реформи изостанаа, а организацијата повторно се соочува со обвинувања за политички влијанија и концентрирана моќ.
17.07.2026
Аргентина ја налути Британија со прославата по победата, се бара истрага
Прославата со транспарент за Фолкландските Острови предизвика бурни реакции во Велика Британија, која бара ФИФА да отвори истрага.
16.07.2026
Турнирот ја покажа и разликата меѓу приходите на ФИФА и придобивките за локалните економии. Организацијата профитираше од поголемиот број натпревари, рекордната продажба на билети и огромната телевизиска публика, додека градовите домаќини ги сносеа трошоците за безбедност, транспорт и организација. Првичните податоци покажуваат раст на потрошувачката во рестораните, хотелите и авиосообраќајот, но локалниот ефект е поскромен од големите проекции објавувани пред турнирот.
Голема предност на Мундијалот во 2026 година беше постојната инфраструктура. За разлика од турнирите во Катар, Русија и Бразил, немаше потреба од изградба на нови стадиони. Тоа го намали ризикот од создавање скапи објекти без долгорочна намена, но не го отстрани прашањето кој на крајот го задржува најголемиот дел од приходите. ФИФА доби производ со рекордна вредност, спонзорите глобална видливост, додека целосниот економски ефект за градовите домаќини ќе може да се процени дури по објавувањето на податоците за туризмот, јавните трошоци и даночните приходи.
Шпанија извезува фудбалски систем
Шпанскиот успех на овој турнир е нова потврда дека нејзините резултати повеќе не зависат од една исклучителна генерација. По титулата европски првак во 2024 година, шпанската репрезентација во Северна Америка покажа дека може да ги контролира натпреварите преку поседот на топката и техничкиот квалитет, но и да игра подиректно, поцврсто физички и потактички приспособливо од селекцијата што го освои Светското првенство во 2010 година.
Влијанието на Шпанија врз светскиот фудбал денес е пошироко од резултатите на репрезентацијата. Земјата извезува тренери, методологија на работа и модели за развој на млади играчи. Пеп Гвардиола, Луис Енрике, Микел Артета, Унаи Емери, Чаби Алонсо и Андони Ираола работат во различни тактички системи, но доаѓаат од иста култура во која играта се гради преку просторот, техниката и колективното донесување одлуки.
Симболот на тоа влијание се гледа и на спротивната клупа. Аргентинскиот селектор Лионел Скалони тренерското образование го завршувал во системот на Шпанскиот фудбалски сојуз, каде што меѓу неговите предавачи бил и Луис де ла Фуенте, актуелниот шпански селектор. Така, Шпанија во финалето играше против репрезентација чиј селектор е производ на нејзината тренерска школа.
Резултатите на младинските селекции и бројот на млади играчи што рано преминуваат во најсилните клубови покажуваат дека зад успехот стои континуитет. Шпанија денес е една од ретките фудбалски земји што истовремено создава врвни играчи, тренери и идеи, кои потоа ги преземаат клубови и репрезентации ширум светот.
Аргентина останува центар ба фудбалската моќ
Аргентина стигна до финалето како актуелен светски првак и освојувач на последните две изданија на Копа Америка. Ниту една друга национална селекција во последните неколку години не ги поврза континенталните и светските резултати со толкав континуитет.
Нејзината глобална моќ не произлегува од финансиската сила на домашната лига. Аргентинските клубови не можат да им конкурираат на најголемите европски клубови, па дури ни на бразилските, според приходите, платите или задржувањето на најдобрите играчи. Предноста на Аргентина е во создавањето таленти. Повеќе од илјада аргентински фудбалери настапуваат надвор од земјата, што ја вбројува меѓу трите најголеми извозници на играчи во светот.
Вредноста создадена во европските клубови повторно се обединува во репрезентацијата. На тој начин, Аргентина ја претвора глобалната мрежа на своите играчи во спортски резултат, а потоа резултатот во комерцијална и репутациска вредност за сојузот. АФА во последните години значително го зголеми бројот на спонзори, меѓународни партнерства и дигитални активности, особено во САД и Азија.
Лионел Меси, кој и на 39-годишна возраст блескаше на овој турнир, останува централна фигура на тој систем и веројатно најважниот поединечен спортски амбасадор на една земја. Сепак, најголемиот предизвик за Аргентина почнува по неговото повлекување. Дури тогаш ќе се види дали АФА изгради глобален бренд што може да ја задржи силата и без играчот околу кој настана најголемиот дел од сегашната комерцијална експанзија.