Тениската суперѕвезда Роџер Федерер е една од ретките спортски легенди која денес може да се смета за милијардер.
Федерер, кој помеѓу 2003 и 2018 година освои 20 Грен слем титули, за време на неговата 24-годишна кариера која заврши во 2022 година, заработи 130,6 милиони долари од награди. Сепак, најголемиот дел од богатството на овој швајцарски ас доаѓа од значајни спонзорски договори и од мудра инвестиција во локален бренд на патики.
Неговата нето вредност изнесува околу 1,3 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“, што го става во елитно друштво. Мајкл Џордан, по продажбата на својот удел во Шарлот Хорнетс во 2023 година, беше проценет на околу 3,5 милијарди долари, додека минатата година богатството на Тајгер Вудс беше проценето на околу 1,36 милијарди долари.
Федерер вреди значително повеќе од милијарда долари, тврдат лица блиски до него кои зборувале под услов на анонимност. Проценката на „Блумберг“ ги зема предвид приходите од кариерата, инвестициите и спонзорските договори на Федерер, прилагодени според актуелните швајцарски даночни стапки и движењата на пазарот.
Bloomberg Mercury
Многу од неговите договори траат со децении, вклучително и со банката „Кредит Суис“ (Credit Suisse, денес UBS Group AG), производителот на часовници „Ролекс“ (Rolex) и швајцарската компанија за чоколади „Линд“ (Lindt & Sprüngli). Федерер исто така има изградено блиски советнички тимови, вклучувајќи ја и „Тимејт“ (Team8) – менаџерска компанија што ја основа заедно со неговиот долгогодишен агент Тони Годсик во 2013 година – како и швајцарската компанија „Формат“ (Format A AG), која помага во управување со неговите инвестиции и хуманитарна фондација.
„Федерер е сосема без скандали. Никогаш не кажува ништо погрешно“, изјави спортскиот аналитичар Боб Дорфман. „Не беше личност како Џон Мекинро – борбен и нервозен. Но во поглед на пазарната вредност, тој беше еден од најдобрите во тенисот.“
Неговите најголеми договори беа склучени пред крајот на кариерата.
До 2018 година, договорот со „Најк“ (Nike), потпишан уште во 1996 година, беше пред истек. Бидејќи тенисот не беше примарен пазар за „Најк“, Годсик можеше да бара нови партнери. „Уникло“ (Uniqlo), популарен јапонски бренд, му понуди на Федерер 300 милиони долари за десет години, за да биде нивен главен спортски амбасадор. Во тоа време, Федерер имаше 37 години и беше блиску до пензија, а договорот не бараше да продолжи да игра. Тоа беше лесна одлука.
Bloomberg Mercury
Но тоа не беше неговиот најуспешен договор. Најдобриот потег беше инвестицијата што по случајност му ја препорача неговата сопруга, кога купила пар патики од растечкиот швајцарски бренд „Он“ (On). Во Швајцарија има многу банкарски и правни фирми, но малку спортски брендови. Основан во 2010 година, „Он“ стана познат по квалитетни патики за трчање.
Неговиот препознатлив ѓон, со повеќе празен простор отколку гума, настанал врз база на прототип што коосновачот Оливие Бернхард – поранешен професионален „ајронмен“ (Ironman) – го направил лепејќи парчиња градинарско црево на ѓоновите од своите патики.
За разлика од „Најк“, Федерер можел слободно да избере производител на патики, бидејќи „Уникло“ не прави обувки. Како колекционер на патики со над 250 пара (не сметајќи ги оние со кои играл), тој ги поканил основачите на „Он“ на вечера во Цирих. Годсик исто така имал контакт со нив преку рана инвестиција. На крајот, постигнат е договор Федерер да купи околу 3 отсто од уделот во „Он холдинг“ (On Holding AG) и активно да учествува во дизајнирање на своја линија патики.
Денес, „Он“ вреди речиси 17 милијарди долари, што го прави уделот на Федерер вреден најмалку 500 милиони долари, според индексот на богатство на „Блумберг“.
Федерер досега вешто избегнува претерана медиумска експонираност преку коментаторски улоги или сомнителни спонзорства. Неодамна мавташе со француско знаме на стартот на трката Ле Ман, и лансираше нова колекција на облека „Уникло“ во Париз. Се очекува да биде присутен и на Вимблдон – местото на неговите најголеми победи – кој започнува следната недела.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...